ПАДНАА ПРВИТЕ АПСЕЊА ПО ЕПИДЕМИЈАТА ВО ГОСТИВАР Приведена директорката на „Комуналец“, има уште двајца осомничени
Акцијата следува по епидемијата во Гостивар. Освен директорката Артана Асани, приведени се и техничкиот директор Леон Нуредини и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши.

Полицијата денеска ја уапси директорката на ЈП „Комуналец“ – Гостивар, Артана Асани, во рамки на истрагата поврзана со актуелната епидемија во општината. Според првичните информации, заедно со неа се приведени и техничкиот директор Леон Нуредини, како и раководителот на водоводот Вадедин Дервиши.
Според информациите, приведените ќе бидат изведени пред јавен обвинител, по што судија на претходна постапка ќе одлучува за евентуални мерки на претпазливост.
Претходно, градоначалникот на Гостивар, Валбон Лимани, ја суспендираше директорката на јавното претпријатие, но изјави дека не чувствува лична одговорност за состојбата.
Лимани истакна дека ги повикува надлежните институции да ја спроведат истрагата професионално, објективно и транспарентно, додавајќи дека Општина Гостивар ќе им ја обезбеди целата потребна соработка со цел да се утврдат сите околности и да се пронајде соодветно решение за настанатиот проблем.
Да потсетиме, директорката Асани, категорично ги отфрлаше тврдењата дека водоснабдителниот систем е извор на епидемијата. Таа изјави дека меѓу повеќе од 1.200 заболени граѓани има и лица кои воопшто не пиеле вода од водоводот, туку користеле исклучиво флаширана вода. Според неа, тоа укажува дека причината за труењето најверојатно треба да се бара во контаминирана храна или во високите летни температури.
Сепак. при контролата во пречистителната станица во Вруток било утврдено дека во главниот цевковод биле поставени пумпи преку кои директно се вбризгувала вода од реката Вардар, како и вода од корито во кое се слеваат отпадни води, со цел да се зголеми притисокот во водоводната мрежа.
ШТО ГО ТРУЕ ГОСТИВАР Стотици заболени дневно, надлежните трагаат по причината


