ЕУ ЖЕСТОКО ГО КАЗНИ „АЛИ ЕКСПРЕС“ 550 милиони евра поради небезбедни и фалсификувани производи

Компанијата доби рок до 20 октомври да ги отстрани пропустите, откако Европската комисија утврди сериозни прекршувања на Законот за дигитални услуги.

ЕУ ЖЕСТОКО ГО КАЗНИ „АЛИ ЕКСПРЕС“ 550 милиони евра поради небезбедни и фалсификувани производи
Фото: Принтскрин

Европската комисија денеска ѝ изрече казна од 550 милиони евра на кинеската платформа за е-трговија „Али експрес“, оценувајќи дека компанијата не презела доволно мерки за да го намали ризикот од продажба на нелегални, небезбедни и фалсификувани производи.

Според Европската комисија, компанијата ги прекршила одредбите од Законот за дигитални услуги (DSA), бидејќи не направила соодветна проценка дали располага со доволно ресурси и персонал за ефикасно следење на производите што се нудат на платформата.

Во образложението се наведува дека системот за препораки на „Али експрес“ во одредени случаи најпрво им препорачувал на корисниците нелегални производи, а дури потоа тие биле повлекувани од понудата. Дополнително, Европската комисија оценила дека механизмите за откривање на вакви производи не функционираат ефикасно. Брисел исто така утврдил дека компанијата не ги применувала доследно сопствените правила за санкционирање на трговците кои продаваат нелегални производи и не презела доволно мерки за спречување на продажбата на фалсификувана стока.

„Али експрес“ има рок до 20 октомври да достави акциски план до Европската комисија во кој ќе ги наведе мерките што ќе ги преземе за отстранување на утврдените недостатоци и усогласување со европските правила. Законот за дигитални услуги (DSA) претставува клучната регулаторна рамка на Европската Унија за дигиталните платформи, со која се воведуваат построги обврски за безбедноста на корисниците, транспарентноста и одговорноста за содржините и производите што се нудат преку интернет.

CATEGORIES
Share This