ПАДНАА ЛИЦА ОД НАЦИОНАЛНИ ШУМИ Приведен директор, се открива ли мрежа за нелегална трговија со дрва
Одземени 400 кубни метри огревно дрво вредни над 30.000 евра, а штетата во друг случај се проценува на повеќе од 50.000 евра. Михаилов најавува дека нема да има „наши“ и „ваши“.

Директор на подружницата „Црн Бор“ во Прилеп и вработена во подружницата „Бабуна“ во Велес биле приведени во изминатите денови во рамки на повеќе постапки за сомнежи за незаконско постапување со дрвна маса, информира заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов.
Според неговите информации, случаите се дел од пошироки активности за откривање и сузбивање на незаконски дејствија поврзани со транспортот и продажбата на дрва.
За случајот во Велешко, МВР претходно соопшти дека на 7 октомври во селото Теово биле лишени од слобода три лица, меѓу кои и вработена во „Национални шуми“. При интервенцијата биле одземени дрва и други предмети поврзани со случајот.
Михаилов информира и за одделен случај во кој е поднесена кривична пријава против вработен во подружницата на претпријатието во Свети Николе, како и против правно лице. Според неговите наводи, причинетата штета се проценува на повеќе од 50.000 евра.
Паралелно, во изминатите денови се спроведувале акции за одземање возила и огревно дрво. Од правно лице во Скопско биле одземени околу 400 кубни метри огревно дрво, чија вредност се проценува на околу два милиони денари, односно над 30.000 евра.
Акцијата била реализирана по десетдневна истрага, во координација со Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција.
„Од она кое што засега го имаме како информација, се работи за добро организирана група која најверојатно подолго време работела нелегални активности околу превоз и продажба на дрва“, наведува Михаилов.
Тој посочува дека досегашните индиции упатуваат на можноста за постоење поширока мрежа, чии активности можеби се протегале од Скопска Црна Гора и Китка до подрачјата на Гостивар и Велес. Во тек се проверки и за евентуална вмешаност на лица од институциите.
Михаилов порачува дека во постапките нема да има привилегирани лица и дека законот мора да важи подеднакво за сите.
„Решавањето на овој случај ќе покаже дека нема недопирливи, нема големи и мали, туку едноставно дека Законот важи исто за сите оние кои се дрзнале да го злоупотребат, изиграат или игнорираат“, порача тој.
Во друга објава, заменик-директорот повтори дека нема да има поделба на „наши“ и „ваши“ и дека секој за кого ќе се утврди дека го прекршил законот ќе мора да одговара.
„Не знам кој и колку ме верува и разбира кога велам дека правдата важи за сите и дека нема големи и мали, наши и ваши. Едноставно е, секој кој се огрешил пред Законот ќе одговара!“, напиша Михаилов.

