ВНИМАНИЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Се менува режимот на сообраќај на три важни патни правци
Од денес се воведуваат пренасочувања и наизменично пропуштање на возилата на делниците Градско – Дреново, Велес – Неготино и Штип – Радовиш.

Од 25 ноември до 31 декември 2026 година, на експресниот пат А1, на делницата Градско – клучка Дреново, ќе има привремена измена на режимот на сообраќај, со соодветно пренасочување и регулирање на возилата поради санација на асфалтните површини.
Во истиот период, изменет режим ќе има и на автопатот А1, на делницата Велес – Неготино, во зоната на клучката Градско. И таму ќе се врши пренасочување и регулирање на сообраќајот поради санациони работи на асфалтот.
На експресниот пат Штип – Радовиш, во близина на клучката Бучим, од 24 ноември ќе се изведуваат градежни активности за замена на оштетена еластомерна дилатација на мостот на километар 26+913. Поради работите ќе бидат поставени семафори, а сообраќајот ќе се одвива наизменично.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но на повисоките места во западните делови од земјата коловозите се наместа влажни. Во останатите делови претежно се суви. Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Од 15 ноември 2026 година е во сила и законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на временските услови. Обврската ќе трае до 15 март 2027 година.
Од 17 Ноември, патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила.

