ПАДНАА ЦЕНИТЕ НА ХРАНАТА НА СВЕТСКИТЕ ПАЗАРИ Поевтинуваат житарките и месото, што ќе се случува со цените
По достигнувањето на највисокото ниво во последните четири години, индексот на цените на храната во октомври забележа пад од 1,2 проценти. Најголемо намалување има кај житарките, а поевтини и месото.

По неколкумесечен раст, цените на храната на светските пазари конечно бележат намалување. Најновите податоци на Организацијата за храна и земјоделство на Обединетите нации (ФАО) покажуваат дека во октомври цените на основните земјоделски производи паднале за 1,2 проценти во споредба со септември.
Индексот на цените на храната на ФАО достигнал 133,9 поени, по претходното достигнување на највисокото ниво во последните четири години. Најизразено намалување е забележано кај житарките, чиј индекс паднал за 4,5 проценти, на 116,8 поени. Тоа е дури 12,6 проценти помалку во споредба со октомври минатата година.
По четири последователни месеци на раст, поевтини и пченицата. Причините се послабата меѓународна побарувачка, подобрите производствени изгледи во Аргентина и очекувањата за поголем извоз од регионот на Црното Море.
Од ФАО посочуваат дека очекувањата за олеснување на извозните ограничувања преку Црното Море дополнително влијаеле врз намалувањето на цените, иако логистичките проблеми во регионот сè уште го ограничуваат нивниот пад.
Намалување е регистрирано и кај месото. Индексот на ФАО во октомври паднал за 1,2 проценти, достигнувајќи 125,5 поени. Пониски биле цените на свинското, овчото и говедското месо, додека цената на живинското останала непроменета.
Падот на светските цени отвора можност за олеснување на притисокот врз пазарите, но тоа не значи дека поевтинувањето автоматски и веднаш ќе се почувствува во продавниците.
Останува да се види дали намалувањето на светските берзи ќе се одрази и врз цените на храната што ги плаќаат граѓаните.

