ГЕРМАНИЈА ЈА ЗАТВОРА ВРАТАТА ЗА РАБОТНИЦИТЕ ОД БАЛКАНОТ Од 2027 година квотата се преполовува
И покрај острите реакции од стопанството и седум германски покраини, владата донесе одлука годишниот број работници од Западен Балкан да го намали од 50.000 на 25.000.

Германија од 1 јануари 2027 година значително ќе го ограничи пристапот на работниците од Западен Балкан до својот пазар на труд. Германската влада усвои уредба со која годишната квота за вработување по олеснета постапка се намалува за половина од досегашните 50.000 на 25.000 работници.
Одлуката доаѓа и покрај силните критики од германските работодавачи, стопанските здруженија и седум сојузни покраини, кои предупредуваат дека ограничувањето може дополнително да го продлабочи недостигот на работна сила.
Уредбата допрва треба да добие одобрение од мнозинството во Горниот дом на германскиот парламент, каде што се застапени сојузните покраини. Најостри реакции доаѓаат од градежниот сектор, угостителството, логистиката и здруженијата што се занимаваат со нега на болни и немоќни лица.
Сојузното здружение на работодавачи (БДА) побара ограничувањето целосно да се укине, наместо квотата да се преполови. Според нивните предупредувања, голем број веќе поднесени барања по 1 јануари 2027 година ќе мора да бидат одбиени, а работните места ќе останат непополнети.
Против одлуката се и седум германски покраини, меѓу кои Баварија, Северна Рајна-Вестфалија, Долна Саксонија и Хесен. Повеќе од еден милион работници од Западен Балкан веќе работат во Германија Сојузната агенција за вработување исто така ја оцени најавената мерка како погрешен чекор.
Според податоците на Агенцијата, во Германија веќе работат повеќе од еден милион луѓе од Западен Балкан кои редовно плаќаат придонеси. Од нив, 53 проценти се квалификувани или високо квалификувани работници, а околу половината се ангажирани на работни места за кои има недостиг од кадар.
Намалувањето на квотата е дел од постизборниот коалициски договор на демохристијанските партии ЦДУ и ЦСУ и Социјалдемократската партија на Германија (СПД). Иницијативата потекнува од конзервативната ЦДУ, а образложението на владата е дека со ограничувањето треба да се отворат повеќе можности за невработените лица во Германија да ги пополнат слободните работни места.
За работниците од Македонија и другите земји од Западен Балкан, ова значи дека од 2027 година конкуренцијата за олеснет пристап до германскиот пазар на труд ќе биде значително поголема.

