МИЦКОСКИ БАРА КУПУВАЧ ЗА АЛТА БАНКА, СДСМ ОБВИНУВА ЗА ПРИТИСОЦИ Штедачите ќе ги добијат парите до последен денар
Премиерот тврди дека Алта банка – Битола е здрава финансиска институција и дека располага со повеќе средства отколку што изнесуваат нејзините обврски..

Премиерот Христијан Мицкоски уверува дека сите депоненти и штедачи на Алта банка – Битола ќе бидат обесштетени до последен денар, а во меѓувреме се бара солиден купувач кој би ја презел финансиската институција.
Мицкоски порача дека нема причина за загриженост, оценувајќи дека банката е здрава и располага со повеќе средства отколку што изнесуваат побарувањата. Тој најави дека во наредните денови ќе бидат организирани средби со потенцијални инвеститори со цел да се најде соодветен купувач.
Премиерот истовремено ја обвини опозицијата дека се радува на црни сценарија и дека со своите настапи создава непотребна паника кај граѓаните.
Од СДСМ, пак, бараат одговорност од Мицкоски и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, поставувајќи го прашањето зошто било дозволено влегување на банка со, како што тврдат, сомнителен капитал. Опозицијата дополнително обвинува дека власта врши притисок врз странски и домашни банки кои би можеле да ја преземат Алта банка.
СДСМ бара во случајот да се вклучи и Обвинителството, но од таму деновиве оценија дека сè уште е рано за таков чекор.
Во меѓувреме, Мицкоски повторно уверува дека штедачите нема да претрпат загуби и дека нивните средства ќе бидат обесштетени во целост.

