(ВИДЕО) ПАДНА ШВЕРЦЕРСКИ ПЛАН Во камион со камена волна откриени 5.000 штеки цигари вредни 9 милиони денари

Цариниците при детална контрола пронашле 100 необележани кутии со цигари без акцизни маркички, а српскиот возач е приведен и кривично пријавен.

(ВИДЕО) ПАДНА ШВЕРЦЕРСКИ ПЛАН Во камион со камена волна откриени 5.000 штеки цигари вредни 9 милиони денари
Фото: Принтскрин

Царинските службеници на граничниот премин „Богородица“ откриле и заплениле 5.000 штеки цигари без акцизни маркички, чија вкупна вредност се проценува на околу девет милиони денари. Цигарите биле откриени при детална контрола на товарно возило пријавено за транзит од Грција кон Србија. Според приложената документација, камионот превезувал градежен материјал – камена волна.

При контролата, цариниците над палетите со пријавената стока пронашле 100 необележани кутии, во кои имало по 50 штеки цигари. Вкупно биле откриени 5.000 штеки, кои не биле пријавени и немале акцизни маркички.

Возачот на камионот, државјанин на Србија, е приведен. Против него е поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство – Гевгелија поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“.

Од Царинската управа посочуваат дека акцијата е уште една потврда на нивната посветеност во борбата против нелегалната трговија со цигари и спречувањето на прекуграничниот криминал.

CATEGORIES
Share This