ОВА ГИ ЧЕКА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТНИЦИ Новиот систем на ЕУ носи часови чекање на аеродромите

Отпечатоци од прсти, фотографирање и нови проверки предизвикаа застои на европските граници, а патниците се соочуваат со подолги процедури.

ОВА ГИ ЧЕКА МАКЕДОНСКИТЕ ПАТНИЦИ Новиот систем на ЕУ носи часови чекање на аеродромите
Фото: Принтскрин

Воведувањето на новиот европски систем за евиденција на влез и излез (Entry/Exit System – EES) започна да создава проблеми на дел од европските аеродроми, каде патниците од земји надвор од Европската Унија се соочуваат со подолги чекања и побавни пасошки проверки.

Најголемиот предизвик претставува биометриската регистрација, која вклучува земање отпечатоци од прсти и фотографирање на лицето. Овие дополнителни чекори го продолжуваат времето на граничните контроли, па во некои случаи патниците чекале повеќе од еден час, а на одредени локации застојот траел и неколку часа.

Аеродромските власти објаснуваат дека системот сè уште е во фаза на прилагодување, додека некои држави работат на надминување на почетните технички и софтверски пречки што дополнително го успоруваат процесот.

Од Европската комисија велат дека имплементацијата на ЕЕС генерално се одвива според предвидениот план. Оттаму посочуваат дека заедно со земјите членки се преземаат мерки за подобрување на процедурите и намалување на времето на чекање за патниците.

Системот постепено се применува на надворешните граници на Шенген зоната, со цел подобра контрола и автоматизирана евиденција на влезовите и излезите на државјаните на трети земји. При првото влегување во Шенген просторот се регистрираат биометриски податоци, кои потоа се користат за побрза проверка при следните патувања.

Европските власти очекуваат дека по почетниот период на адаптација системот ќе функционира поефикасно и ќе придонесе за поголема безбедност и подобра контрола на границите.

CATEGORIES
Share This