ГРАЃАНИТЕ НА УДАР Банки ги креваат провизиите, гувернерот Славески изненаден
Народната банка изненадена од најавените зголемувања на банкарските надоместоци.

Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, изрази загриженост поради најавите на неколку банки во земјата за зголемување на надоместоците во платниот промет, оценувајќи дека во овој момент нема оправдани економски причини за таков чекор.
Тој нагласи дека Народната банка е изненадена од одлуките за покачување на трошоците што ги плаќаат граѓаните и компаниите за банкарски услуги, при што, како што посочи, во повеќето случаи станува збор за двоцифрени процентуални зголемувања.
Славески потсети дека минатата година, по иницијатива на Народната банка и во соработка со банкарскиот сектор преку Македонската банкарска асоцијација, биле намалени одредени надоместоци, што им донело олеснување на корисниците на банкарските услуги. Сега, според него, се забележува спротивен тренд без јасна економска оправданост, поради што ги повика банките да ги преиспитаат и повлечат најавените поскапувања.
Тој додаде дека Комисијата за заштита на конкуренцијата треба внимателно да ја следи состојбата во банкарскиот сектор и да утврди дали постојат елементи на координирано однесување на штета на клиентите.
Во однос на можните институционални мерки, Славески истакна дека Министерството за финансии и Народната банка би можеле да разгледаат измени во законската рамка, по пример на европските практики, со кои би се овозможило регулирање на висината на банкарските надоместоци во платниот промет.
Тој притоа појасни дека во сегашната правна рамка Народната банка нема овластување директно да ги одредува провизиите на банките, бидејќи тие се регулирани преку пазарните механизми и конкуренцијата.
Сепак, според него, актуелните случувања отвораат прашање за преиспитување на таквиот пристап, со оглед дека платниот промет претставува услуга од јавен интерес, слична на снабдувањето со електрична енергија, вода или гас, што ја засилува дебатата за можноста за поинаков модел на регулирање на надоместоците.
