ОСТАВКА, ОСТАВКА! Пензионерите повторно на улица – бараат да се врати линеарното зголемување

Со македонската химна и остри пораки, пензионерите од Свети Николе протестираа против зголемувањето од 3% и порачаа дека нема да се откажат.

ОСТАВКА, ОСТАВКА!  Пензионерите повторно на улица – бараат да се врати линеарното зголемување
Фото: Принтскрин

Со интонирање на македонската химна и скандирање „Оставка, оставка!“, пензионерите од Свети Николе денеска повторно излегоа на протест, изразувајќи незадоволство од последното процентуално зголемување на пензиите од 3 проценти. Тие побараа да се задржи моделот на линеарно зголемување на пензиите, оценувајќи дека тој е поправеден за пензионерите со најниски примања.

Пензионерите порачаа дека трошоците за основните производи и лековите се исти за сите, без оглед на висината на пензијата. Токму затоа, според нив, процентуалното зголемување дополнително ја продлабочува разликата меѓу оние со најниски и највисоки пензии.

На протестот беше посочено дека соодносот меѓу најниската и највисоката пензија порано бил околу 1:4, додека денес, според нивните тврдења, достигнал 1:7. Пензионерите предупредија дека јазот ќе продолжи да се зголемува доколку не се задржи линеарниот модел. Тие нагласија дека протестите не се само за актуелните пензионери, туку и за идните генерации.

„Борбата е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови“, порачаа тие, барајќи фер и одржлива формула за раст на пензиите.

Пензионерите најавија дека ќе продолжат со активностите и дека протестите ќе ги радикализираат во повеќе градови низ државата, сè додека, како што велат, не се обезбеди модел кој ќе овозможи достоинствен живот за пензионерите.

CATEGORIES
TAGS
Share This