71% ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО ЕДНА МАКЕДОНСКА ОПШТИНА СЕ СИРОМАШНИ Истражувањето откри огромни разлики

Ново истражување на Филозофскиот факултет опфати 80 општини и откри огромни разлики – во Скопскиот регион стапката е 2,3%, а во Југоисточниот 10,3%

71% ОД ДОМАЌИНСТВАТА ВО ЕДНА МАКЕДОНСКА ОПШТИНА СЕ СИРОМАШНИ Истражувањето откри огромни разлики
Фото: Принтскрин

На Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува дводневната меѓународна научна конференција „Повеќедимензионална сиромаштија: мерење, трендови и предизвици“, на која ќе бидат презентирани првичните резултати од ново истражување.

Истражувањето покажува дека околу 6 проценти од домаќинствата во земјата, односно приближно 34.900 домаќинства, живеат во повеќедимензионална сиромаштија.

Истражувањето ја мери состојбата во сите 80 општини и осум плански региони, преку 12 индикатори. Седум од нив се однесуваат на социо-економски лишености – ниско образование, рано напуштање на образованието, невработеност на младите, несоодветни санитарни услови, дотраени домови, недостиг на греење и недостиг на вода од водовод. Останатите пет ја мерат оддалеченоста од основно и средно училиште, здравствена установа, болница и зелена површина.

Најголеми разлики се регистрирани меѓу самите општини. Во Чашка, повеќе од две третини од домаќинствата се повеќедимензионално сиромашни дури 71 процент. Следуваат Старо Нагоричане со 66 проценти, Конче со 58 проценти, Могила со 56 проценти и Новаци со 49 проценти.

На регионално ниво, највисока стапка на повеќедимензионална сиромаштија е регистрирана во:

  • Југоисточен регион – 10,3%
  • Вардарски регион – 9,0%
  • Североисточен регион – 8,9%

Најниска стапка има Скопскиот регион 2,3 проценти, што е речиси четири ипол пати помалку од Југоисточниот регион.

Според истражувањето, сиромашните домаќинства во просек се соочуваат со четири до пет од 12 измерени лишености. Тоа може да значи комбинација од оддалеченост од училиште или болница, ниско образовно ниво и лоши услови за домување. Од Филозофскиот факултет посочуваат дека повеќедимензионалната сиромаштија е најизразена во малите и оддалечени општини, каде што недостигот од услуги често се комбинира со ниско образовно ниво.

Според истражувачите, резултатите покажуваат дека социјалните и развојните политики треба да се насочуваат кон конкретните општини и конкретните видови лишеност, а не само кон националните просеци. Првичните резултати од истражувањето ќе бидат презентирани на меѓународната конференција, која се одржува во рамки на научноистражувачкиот проект финансиран од Министерството за образование и наука.

CATEGORIES
Share This