ОД 873 НА 410 Кривичен суд направи пресврт, бројот на старите предмети падна за 53%
Најновиот извештај покажува дека за една година бројот на предмети постари од две години е намален за повеќе од половина.

Бројот на активни судски предмети постари од две години во Основниот кривичен суд Скопје е намален за повеќе од половина во однос на минатата година. Според најновиот извештај за работата на судот, на 30 јуни 2025 година биле регистрирани 873 стари активни предмети, додека една година подоцна нивниот број се намалил на 410.
Тоа претставува намалување од 53 проценти и, според судот, покажува значително намалување на заостанатите предмети и побрзо постапување по случаите што подолг период биле во судска процедура. Во изминатиот период се забележуваат промени и во примената на мерките за обезбедување присуство на обвинетите лица. Наместо почесто определување затворски притвор, судската практика покажува зголемено користење на поблаги мерки, како што се куќен притвор и прифаќање парична гаранција.
Статистичките податоци покажуваат дека во периодот од април до јуни Кривичниот совет позитивно одговорил на најголем дел од предлозите за замена на притвор со гаранција. Од поднесените 10 предлози, биле прифатени 8, односно 80 проценти, што е значителен пораст во споредба со првиот квартал, кога стапката на уважување изнесувала 23 проценти.
Паралелно со тоа, судот бележи и зголемување на бројот на склучени предлог-спогодби меѓу обвинетите и обвинителството, што придонесува за пократко траење на постапките и намалување на трошоците. Во Специјализираното судско одделение за организиран криминал и корупција, во вториот квартал биле поднесени 46 барања за определување притвор, издадени се 110 наредби за претрес, а бројот на мерки за обезбедување имот се зголемил од 20 на 51.
Од судот посочуваат дека намалувањето на старите предмети е резултат на поефикасно постапување и преземени активности за расчистување на долгогодишните случаи.


