МИЦКОСКИ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Ако има избори во 2027 година, државата ќе банкротира

Премиерот вели дека политички ВМРО-ДПМНЕ би имала интерес од предвремени избори, но државата не може да си дозволи шест месеци техничка влада во период кога треба да обезбеди милијарди евра за враќање долгови, рефинансирање и покривање на буџетскиот дефицит.

МИЦКОСКИ СО ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ Ако има избори во 2027 година, државата ќе банкротира
Фото: Национал

Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, смета дека одржувањето предвремени парламентарни избори во 2027 година би било неодговорно кон државата, иако од чисто политички аспект, како што признава, таквото сценарио би ѝ одговарало на неговата партија.

Причината, според Мицкоски, е огромниот финансиски товар што ја очекува државата во следните две години, кога ќе треба да обезбеди околу пет милијарди евра за сервисирање на обврските.

Од оваа сума, веќе следната година ќе треба да се обезбедат 2,3 милијарди евра. Мицкоски предупредува дека евентуалното одржување избори, по што би следувале шест месеци техничка влада, сериозно би го отежнало исполнувањето на финансиските обврски, па дури и би можело да ја доведе државата до банкрот.

Станува збор за обврски што мора да се намират и враќање на средствата позајмени за време на пандемијата со коронавирусот, рефинансирање на дел од постојните долгови, исплата на камати и обезбедување средства за покривање на буџетскиот дефицит.

Мицкоски смета дека финансиската ситуација ќе биде полесна во 2028 година, кога се предвидени редовните парламентарни избори. Иако тогаш ќе треба да се обезбедат уште повеќе средства, односно речиси 2,7 милијарди евра, според него, постои поголем простор за финансиско планирање.

Како аргумент ја посочува и 2029 година, која, според неговите зборови, е единствената година што претходната влада не ја оптоварила со задолжување преку еврообврзница. Тоа, смета премиерот, ќе овозможи дел од финансиските обврски да се пренесат во таа година.

Оттука, Мицкоски порачува дека во актуелните околности политичките интереси треба да бидат ставени во втор план, бидејќи пред државата претстои сериозен финансиски предизвик.

CATEGORIES
TAGS
Share This