НЕТАНЈАХУ НАЈАВИ ДВЕ ГОЛЕМИ ПРОМЕНИ Можно е обединување на израелските партии, но и крај на американската воена помош
Израелскиот премиер смета дека е можна влада на национално единство, а истовремено најави постепено укинување на американската воена помош и премин кон партнерски модел на соработка со Вашингтон.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави можност за формирање влада на национално единство, но и значајна промена во односите со САД и постепено укинување на американската воена помош и премин кон нов модел на соработка заснован врз партнерство. Нетанјаху денеска изјави дека формирањето влада на национално единство сè уште е можно, бидејќи израелскиот народ знае да се обедини во, како што рече, „моменти на вистина“.
Оваа порака доаѓа само еден ден откако премиерот остро ги критикуваше обидите за формирање влада без негово учество, обвинувајќи ги арапските пратеници за поддршка на тероризмот и за залагање за уништување на Израел.
„Вчера објаснив зошто е неопходна влада на национално единство. Денес сакам да кажам зошто е тоа можно“, изјави Нетанјаху пред новинарите, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Тој додаде дека ќе продолжи да им подава рака на потенцијалните партнери за идната владејачка коалиција, нагласувајќи дека националното единство е можно и покрај политичките поделби.
Паралелно со политичките пораки, од кабинетот на Нетанјаху пристигна и најава за крупна промена во воената соработка со САД. Израел постепено ќе ја прекине американската воена помош и ќе премине кон нов модел на соработка со Вашингтон, заснован врз партнерство, соопшти канцеларијата на израелскиот премиер.
Оваа најава следува откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека воената помош за Израел ќе заврши до крајот на оваа година. Во соопштението се потсетува дека уште во 1996 година Нетанјаху најавил постепено укинување на американската економска помош за Израел, која тогаш изнесувала 1,2 милијарди долари, ветување кое, според неговиот кабинет, било исполнето.
„Триесет години подоцна, премиерот Нетанјаху изјави дека економијата на Израел е доволно силна за постепено да ја укине и американската воена помош“, се наведува во соопштението, пренесе „Тајмс оф Израел“.
Со оваа најава Израел отвора ново поглавје во односите со својот најважен воен сојузник, со амбиција постепено да ја намали зависноста од американската финансиска поддршка и да ја заснова соработката со Вашингтон на поинакви основи.

