ОД ВРВОТ ДО СУСПЕНЗИЈА – Драматичен пад на македонските ракометни судии
ЕХФ донесе двегодишна суспензија и парична казна за македонскиот судиски тандем по истрага за фитнес тестовите.

Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги суспендираше македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов на период од две години, поради наводна манипулација со фитнес тестовите пред почетокот на овогодинешното Европско првенство.
Според одлуката на ЕХФ, суспензијата се однесува на сите натпреварувања под нивна надлежност, а дополнително на двајцата судии им е изречена и парична казна од по 5.000 евра.
Во официјалното соопштение се наведува дека пред ЕХФ ЕВРО 2026 им била повлечена номинацијата поради сомнеж за манипулација со видео материјали од „тестот за кондиција во повеќе фази“. По анализа спроведена од партнерот за интегритет Спортрадар, утврдено е дека снимките биле изменети, што довело до санкции за „сериозно неспортско однесување“.
ЕХФ нагласува дека судиите имаат право на жалба до Апелациониот суд во рок од седум дена од донесувањето на одлуката.
