КНИГА ЗА ВАСИЛ РИНГОВ – Што навистина се криело зад легендата на Вардар

Промоцијата на книгата „Фудбал под сенка“ ќе се одржи на 17 април во „Дајмонд мол“ во Скопје.

КНИГА ЗА ВАСИЛ РИНГОВ – Што навистина се криело зад легендата на Вардар
Фото: Принтскрин

Биографската книга „Фудбал под сенка“, посветена на легендарниот македонски фудбалер Васил Рингов, чиј автор е новинарот Срѓан Ивановиќ, ќе биде промовирана на 17 април (петок) во книжарницата „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“ во Скопје, со почеток во 20 часот.

Изданието се објавува постхумно, неколку месеци по смртта на Рингов, кој активно учествувал во подготовката на книгата. Датумот на промоцијата симболично се совпаѓа со неговиот роденден.

Книгата, во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, ќе ја претстават авторот Ивановиќ, уредничката Бисера Бендевска и Марио Рингов, син на фудбалерот. Тие ќе зборуваат за процесот на создавање на делото и ќе споделат лични сеќавања за животот и кариерата на Рингов.

„Фудбал под сенка“ ја прикажува животната и спортската приказна на Рингов на искрен и непосреден начин. Делото дава увид не само во неговата богата фудбалска кариера, туку и во личните предизвици, вредности и размислувања што го обликувале како спортист и човек.

Во воведниот дел на книгата, раскажан во прво лице, Рингов зборува за својата желба конечно сам да ја пренесе својата приказна, без посредство и цензура, истакнувајќи дека сака да се фокусира на луѓето и фудбалот, а не само на головите и статистиката.

Васил Рингов е роден на 17 април 1955 година во Струмица. Кариерата ја започнал во Беласица, кратко бил дел од Партизан, а потоа се афирмирал во Тетекс. Најголемите успеси ги постигнал со Вардар, каде одиграл над 200 натпревари и постигнал 93 голови, станувајќи една од клучните фигури на клубот во 1980-тите. Настапувал и за Динамо Загреб и Ајнтрахт Брауншвајг.

Почина на 23 декември 2025 година во Скопје, на 70-годишна возраст.

Авторот на книгата, Срѓан Ивановиќ, е новинар и писател со долгогодишно искуство, автор на романите „Писма од лудница“ и „Крвава уметност“, а се занимава и со медиумска едукација и јавен настап.

Книгата „Фудбал под сенка“ наскоро ќе биде достапна во сите поголеми книжарници и онлајн преку literatura.mk.

CATEGORIES
Share This