ОД УНЕСКО ДО ГОРИЦА 3 Хотелот на Мијалков повторно ја отвори најголемата рана на Охрид
Додека Владата бара шест години рок за исполнување на препораките, спорниот објект кај Горица 3 повторно го отвора прашањето за моќта на институциите.

Владата побара од УНЕСКО шестгодишен рок за исполнување на забелешките за заштита на Охридскиот Регион, со цел да се избегне негово ставање на Листата на светско наследство во опасност. Комитетот за светско наследство на УНЕСКО во најновата Нацрт-одлука повторно предлага Охридскиот Регион да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Конечната одлука ќе биде донесена на 22 јули во Бусан, Јужна Кореја.
Државниот завод за ревизија има утврдено низа неправилности во работењето на Општина Охрид. Според извештајот, Општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, не презела мерки за отстранување на бесправните објекти, особено во заштитени подрачја, а урбаната опрема во дел од случаите била поставувана без дозволи и платени такси. Ревизорите предупредуваат и дека не се постапувало по стотици решенија за нелегални градби, а не биле преземени мерки за објекти кои можат да ја загрозат заштитата на Охридскиот Регион под УНЕСКО.
Денеска претседателот на ОО СДСМ Охрид, Асен Шајн, обвини дека локалната и централната власт предводени од ВМРО-ДПМНЕ не спровеле доволно мерки за заштита на Охридскиот Регион, по најавите на УНЕСКО за можноста регионот да биде ставен на Листата на светско наследство во опасност. Шајн тврди дека нема напредок во отстранувањето на дивоградбите, дека се дозволува ново градење во чувствителни зони и дека проблемите со урбанизмот, загадувањето и колекторскиот систем остануваат нерешени. Од СДСМ посочуваат на случајот со „Горица 3“ и бараат итен прекин на спорните градежни активности, суспензија на проблематичните урбанистички планови и поголема институционална одговорност за заштитата на Охридското Езеро и културното наследство.
„Статусот на Охрид не се штити со политичко лобирање, туку со почитување на законите и спроведување на препораките на УНЕСКО“, порача Шајн.
Да потсетиме, Национал веќе пишуваше дека случајот „Горица 3“ за кој зборува СДСМ е поврзан со спорниот луксузен хотел на Сашо Мијалков кој и понатаму е во центарот на вниманието. Надлежните органи молчат иако граѓанските организации го посочуваат како пример за градење спротивно на правилата.
ПОРАДИ СПОРНИОТ ХОТЕЛ НА МИЈАЛКОВ Охрид добива клоца од УНЕСКО


