УТРЕ ГОРИВАТА ПОВТОРНО ЌЕ ПОСКАПАТ Владата размислува за спасоносна мерка

Растот на светската цена на нафтата и посилниот долар се главните причини за очекуваното ново зголемување.

УТРЕ ГОРИВАТА ПОВТОРНО ЌЕ ПОСКАПАТ Владата размислува за спасоносна мерка
Фото: Национал

Регулаторната комисија за енергетика утре ќе ги објави новите малопродажни цени на горивата, а според најавите се очекува ново зголемување на цените поради растот на нафтата на светските берзи и посилниот американски долар. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата размислува за можноста за намалување на акцизите за горивата, но засега нема конкретен рок кога би се донела таквата одлука.

„Немаме направено точна калкулација за покачувањата, но ќе има, бидејќи цените на нафтата и горивата значително пораснаа во изминатиот период, а и курсот на доларот е повисок во однос на претходно“, рече Мицкоски.

Од опозициската СДСМ ја оценија најавата за можни мерки како задоцнета, обвинувајќи дека Владата не реагирала навреме на претходните зголемувања на цените.

„Граѓаните со месеци плаќаат поскапи горива и повисоки цени на основните производи, додека Владата не презеде конкретни чекори“, соопштија од партијата.

Во меѓувреме, Владата донесе одлука за продолжување на кризна состојба до 20 октомври. Последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика донесе значително зголемување на цените и дизелот поскапе за 5,5 денари по литар, додека бензините беа зголемени за 1,5 денари по литар.

CATEGORIES
Share This