ОД ЉУБОВ ДО СВИРЕЖИ Цеца и бугарското знаме што ја разгневи публиката во Велес
Организаторите наведуваат дека настанот поминал без инциденти, што го потврди и полицијата, која соопшти дека нема поднесени пријави за нарушување на јавниот ред и мир.

На синоќешниот концерт во Велес, српската турбофолк ѕвезда Цеца предизвика реакции откако за време на настапот на сцената развеа бугарско знаме што ѝ беше подадено од публиката. Чинот беше проследен со неколкуминутни свирежи од дел од присутните.
Очевидци велат дека станувало збор за знаме на Република Бугарија, на кое во средината бил отпечатен ликот на Цеца. Девојката што го фрлила знамето била меѓу првите кои пристигнале на концертот, носејќи и голем букет рози.
По настапот, Цеца се огласи на социјалните мрежи со порака дека не имала намера да навреди никого:
„Не ми е страно да прифатам било какво знаме од мојата публика, бидејќи тоа е мој народ, мои луѓе. Нè обединува љубовта кон песната, без разлика од каде доаѓа. Жал ми е ако некого го повредив – тоа навистина не ми беше намерата, особено не кон домаќините. Ви благодарам за прекрасната вечер, енергијата и љубовта што ги споделивме. Ништо и никој не може да застане помеѓу мене и мојата публика,“ напиша пејачката.
Концертот се одржа во рамки на традиционалната Питијада во Велес, во салата „Гемиџии“, пред околу пет илјади посетители.
Организаторите наведуваат дека настанот поминал без инциденти, што го потврди и полицијата, која соопшти дека нема поднесени пријави за нарушување на јавниот ред и мир.


