ОД ПОЛНОЌ ДИЗЕЛОТ ПАЃА ДРАСТИЧНО Бензинот повторно поскапува
Регулаторната комисија објави нови цени кои веќе предизвикуваат реакции.

Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) од полноќ се намалуваат за 6,50 денари по литар, додека бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 поскапуваат за 0,50 денари, соопшти Регулаторната комисија за енергетика.
Новите цени се следни: ЕУРОСУПЕР БС-95 ќе изнесува 88,00 денари, ЕУРОСУПЕР БС-98 ќе се продава по 90,00 денари, ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) ќе чини 85,50 денари, а Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) ќе има цена од 87,50 денари по литар.
Цената на Мазутот М-1 НС се намалува за 3,238 денари, па еден килограм ќе изнесува 47,906 денари.
Претходно, компанијата „Окта“ АД – Скопје соопшти дека воведува привремен попуст од 2 денари за литар за бензините од 95 и 98 октани, како дел од мерките за поддршка на домашниот пазар на горива. Мерката ќе важи од 2 до 16 јуни годинава.
Од компанијата наведуваат дека одлуката е донесена поради актуелните движења на меѓународните цени на горивата, како и во рамки на континуираната комуникација со Владата за ублажување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Попустот ќе се однесува на сите трговци што набавуваат бензин од „Окта“, и во големопродажба и во малопродажба.
