ОД МАКЕДОНИЈА ДО СВЕТОТ Македонските книги повторно во центарот на Франкфурт
Повеќе македонски автори и книги на светскиот саем, со фокус на преводи, странски изданија и нови меѓународни издавачки партнерства.

Македонската книжевност и годинава ќе биде претставена на Саемот на книгата во Франкфурт, еден од најзначајните светски настани за издавачката индустрија. Од 7 до 11 октомври, Франкфурт ќе ги собере издавачите, авторите, литературните агенти, преведувачите и професионалците од книжевниот и креативниот сектор од целиот свет.
Македонската асоцијација на издавачи (МАИ) го продолжува континуираното претставување на македонската книжевност на саемот, годинава со обновен изглед на националниот штанд, поголем број книги и автори и појасно структурирана понуда насочена кон меѓународниот издавачки пазар.
Во Франкфурт повторно ќе биде присутен комуникацискиот концепт „Читај во 7/8“, кој МАИ го воспостави минатата година како идентитет на националниот настап. Ритамот 7/8, препознатлив во македонската музичка традиција, во концептот е претставен како метафора за македонската книжевност – книжевност со сопствен ритам и автентичен глас.
Во фокусот на годинашното претставување ќе бидат современата македонска книжевност и литературата за деца, како и можностите за превод и објавување на македонски автори во странство.
Особено внимание ќе биде посветено на финансиската поддршка за преводи и странски изданија. Во рамките на саемскиот настап, МАИ ќе го промовира и актуелниот конкурс на Министерството за култура и туризам за финансирање преводи на македонски дела на странски јазици.
„Присуството во Франкфурт не го гледаме како краткотрајна презентација, туку како процес што мора да се гради од година во година. Во изминатиот период поставивме основа – препознатлив концепт, каталози со најдоброто од македонската книжевност и директни контакти со меѓународниот издавачки сектор. Годинава одиме чекор понатаму: со повеќе книги и автори, со јасно структурирана понуда и со конкретни можности за финансиска поддршка на преводите и странските изданија“, вели Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи.
Македонската делегација ја сочинуваат претставници на издавачките куќи членки на МАИ, кои претставуваат значаен дел од домашниот издавачки сектор. Тие во Франкфурт ќе ги претставуваат своите издавачки програми, но и авторите и делата застапени во каталозите, со цел да се отворат нови можности за преводи, продажба на авторски права и соработка со странски издавачи.
Саемот на книгата во Франкфурт е еден од најважните годишни собири на светската издавачка индустрија и значајна платформа за трговија со авторски права и содржини, професионални средби и воспоставување меѓународни партнерства. На годинашното, 78. издание, Чешка е земја-почесен гостин.
Иако Саемот трае пет дена, меѓународната промоција на македонската книжевност продолжува во текот на целата година. Континуираното присуство, градењето контакти и создавањето долгорочни партнерства остануваат во основата на настапот на МАИ, со цел македонските автори и нивните дела да стигнат до нови издавачи, преведувачи и читатели ширум светот.
Националното претставување на македонската книжевност на Саемот на книгата во Франкфурт се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам.

