БРИСЕЛ ВЕЛИ МЕСТОТО ВИ Е ВО ЕУ Скопје прашува: До кога Македонија ќе биде на споредната патека
Сиљановска-Давкова пред фон дер Лајен: Исполнуваме критериуми, усогласени сме со ЕУ, а сепак стоиме во место – додека Украина и Молдавија добиваат нови можности.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска на средбата со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, отворено ја посочи македонската позиција во европскиот процес – земја која, и покрај техничката подготвеност и високата усогласеност со европската надворешна и безбедносна политика, останува на „споредната патека“.
Сиљановска-Давкова изразила благодарност за интересот и ангажманот на Европската Унија кон регионот, но истовремено го отворила прашањето зошто Македонија не е меѓу земјите од Западен Балкан кои бележат најголем напредок.
Одговорот, според ставот изнесен на средбата, лежи во фактот што наметнатиот билатерален спор е ставен пред Копенхашките критериуми.
Токму затоа претседателката побарала Македонија да добие исти можности како Украина и Молдавија, оценувајќи дека тоа би ја зајакнало институционалната подготвеност, би ја вратило довербата во процесот и би го забрзало реформскиот курс.
Но, тука доаѓа и европското ветување.
Фон дер Лајен истакнала дека „местото на Македонија е во Унијата“ и дека Европската Унија ќе продолжи да ја поддржува земјата на патот кон членство, оценувајќи ги досегашните реформи како импресивни.
Во исто време, сепак, таа ја нагласила потребата од деблокирање на македонскиот европски пат и изразила уверување дека македонско-бугарскиот спор може да се надмине преку „интензивни и сестрани средби и дијалог“.
Од македонска страна, пак, Сиљановска-Давкова потсетила дека е потребно да се одржи политичка Меѓувладина конференција согласно новата методологија и Преговарачката рамка, како и редовен состанок на Советот за стабилизација и асоцијација.
Пораката од средбата е јасна: Македонија бара европскиот процес конечно да се движи како процес на интеграција, а не како постојано отворање нови политички прашања.
И додека од Брисел стигнува пораката дека „местото на Македонија е во ЕУ“, од Скопје останува прашањето ако местото навистина е таму, зошто патот до него повторно минува низ билатералниот спор?

