ОД ЕЛБАСАН ДО ЌАФАСАН ЗА САМО 30 МИНУТИ Нов дел од автопатот пуштен во сообраќај

Новата делница меѓу Лабинот-Фуш и Мирак треба да донесе побезбедно и побрзо патување кон граничниот премин Ќафасан.

ОД ЕЛБАСАН ДО ЌАФАСАН ЗА САМО 30 МИНУТИ Нов дел од автопатот пуштен во сообраќај
Фото: Принтскрин

Албанскиот премиер Еди Рама објави дека во сообраќај е пуштена уште една делница од патниот правец Елбасан – Ќафасан, кој ја поврзува Албанија со Северна Македонија кај Струга. Новата делница се наоѓа меѓу селата Лабинот-Фуш и Мирак и е втора функционална делница на овој потег. Првата беше пуштена во употреба во јуни 2024 година.

Рама оцени дека новиот сегмент ќе придонесе за поголема безбедност, пократко време на патување и полесен транспорт на луѓе и стока. Патниот правец Елбасан – Ќафасан е дел од Паневропскиот Коридор 8 и е долг 50,12 километри. Проектиран е со по две коловозни ленти во секоја насока, централен разделен појас, мостови, тунели и други заштитни објекти долж реката Шкумбин, со максимална проектна брзина од 110 километри на час.

По целосното завршување на трасата, патувањето меѓу Елбасан и Ќафасан треба да се скрати од повеќе од час и половина на околу 30 минути. Коридорот 8 е една од клучните транспортни оски на Балканот и ги поврзува италијанските пристаништа со Бари со Варна и Бургас во Бугарија, преку Албанија и Северна Македонија.

Патната инфраструктура на Коридорот 8 е во значителна фаза на реализација, додека железничкото поврзување меѓу трите земји останува еден од најголемите предизвици. Завршувањето на прекуграничните железнички делници меѓу Албанија, Северна Македонија и Бугарија е планирано до 2030 година.

CATEGORIES
Share This