ОД 375 НА 750 МИЛИОНИ, ОД 340 НА 560 МИЛИОНИ ЕВРА – Единствена Македонија бара да се открие каде отидоа парите
Автопатот Кичево–Охрид и железничкиот Коридор 8 со драстично зголемени проценети трошоци – партијата бара целосна истрага и одговорност за потрошените јавни средства.

Единствена Македонија ја поздравува иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ, Јавното обвинителство да го истражи ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија за железничкиот Коридор 8 каде проценетата вредност за третата фаза на оваа делница пораснала од 340 на 560 милиони евра.
Единствена Македонија смета дека надлежните институции мора да дадат јасен одговор на две клучни прашања: зошто реализацијата на проектот доцни со години и поради што неговата проценета вредност е зголемена за цели 220 милиони евра?
Но, истовремено, бараме институциите да не застанат само на железничкиот Коридор 8. Потребно е да се испита и целокупната реализација на стратешкиот проект за автопатот Кичево-Охрид, кој наместо да биде модерна сообраќајна артерија, се претвори во повеќегодишна агонија за македонските граѓани.
Изградбата на автопатот започна на 22 февруари 2014 година, со поставување камен-темелник кај кичевското село Извор и првата лопата од тогашниот премиер Никола Груевски. Проектот тогаш беше најавен со вредност од околу 375 милиони евра и рок за изградба од 45 месеци.
Денес, повеќе од 12 години подоцна, автопатот сè уште не е завршен, а од најавените околу 375 милиони евра достигна вредност од околу 750 милиони евра?
Станува збор за иста траса и иста должина на автопатот. Затоа е сосема легитимно граѓаните да прашаат како и зошто цената практично се удвои и каде се потрошени дополнителните стотици милиони евра.
Јавноста заслужува за железницата и автопатот да знае:
Кој ги зголемувал трошоците?
Зошто проектите доцнеле со години?
Кој ги одобрувал дополнителните средства?
И каде завршиле стотиците милиони евра?
Единствена Македонија бара целосна транспарентност и одговорност.
Овие прашања не смеат да останат затворени. Народот заслужува одговор!

