НОВА ЕНЕРГЕТСКА ИНЈЕКЦИЈА ПРЕД ЗИМА Мицкоски најави поддршка за нови когенеративни централи
Владата ќе ги поддржува приватните инвестиции кои носат повеќе домашна енергија, но и помали штетни емисии во воздухот.

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува приватните инвестиции во енергетиката, особено проектите кои носат зголемено производство на енергија, но истовремено придонесуваат и за намалување на загадувањето.
Мицкоски ова го истакна при пуштањето во употреба на нова приватна когенеративна централа, која истовремено ќе произведува топлинска и електрична енергија.
„Што значи когенеративна централа? Дека во исто време ќе произведува и топлина за затоплување на домовите на граѓаните, но истовремено ќе произведува и електрична енергија. Нешто што навистина претставува успешен проект, особено имајќи ги предвид предизвикувачките времиња коишто ни претстојат оваа зима“, рече Мицкоски.
При посетата, премиерот ги разгледал инсталираните гасни мотори, системите за автоматизација и останатата опрема, а бил информиран и за подготовките на инвеститорот за претстојната грејна сезона. Дополнително, Мицкоски бил запознаен со плановите за понатамошно проширување на инвестицијата.
Според него, ваквите проекти имаат значење не само поради зголемувањето на енергетското производство, туку и поради придонесот кон почиста животна средина и подобар квалитет на воздухот.
„Ова е во насока на подобрување и на квалитетот на животната средина, намалување на емисиите на штетни честички во воздухот и убеден сум дека вакви проекти се само додадена вредност во квалитетот на животот на нашите граѓани“, истакна премиерот.
Мицкоски најави дека Владата и во периодот што следува ќе продолжи да ги охрабрува и поддржува ваквите инвестиции во енергетиката.
„Ние како Влада ќе продолжиме да поддржуваме вакви проекти. Нека е аирлија и да ни се множат уште повеќе вакви проекти“, порача Мицкоски.

