ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПРОИЗНЕСЕ Бара да се одбие гаранцијата за Дејан Јованов

За осомничениот во случајот „Пулс“ е понудена гаранција од 195.820 евра, но обвинителството оценува дека дел од имотот не може да биде ставен под хипотека или наплатен.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО СЕ ПРОИЗНЕСЕ Бара да се одбие гаранцијата за Дејан Јованов
Фото: Национал

Обвинителскиот тим што постапува во предметот за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани достави негативно мислење до судот и побара да биде одбиен како неоснован предлогот за определување гаранција на обвинетиот Дејан Јованов од Кочани.

Со предлогот се бара определување гаранција во вкупен износ од 195.820 евра, односно 12.042.932 денари, обезбедена со ставање хипотека на недвижен имот.

Од Обвинителството посочуваат дека судот при одлучувањето треба особено да го земе предвид фактот што Јованов дал согласност понудениот имот да биде даден како гаранција иако бил свесен дека дел од недвижностите се предмет на извршување.

Според обвинителството, поради тоа дел од имотот не може да биде ставен под хипотека, ниту пак да биде впаричен доколку се појави потреба за тоа.

Дополнително, се наведува дека понудените недвижности во голем дел се состојат од помошни простории, објекти, шупи и плевна, од кои дел претходно биле бесправно изградени. Оттаму, според обвинителството, таквиот имот тешко би можел да се впаричи, а особено не во проценетиот износ.

На првообвинетиот Дејан Јованов-Деко утре му истекува едногодишниот притвор во предметот за пожарот во „Пулс“, што претставува законски максимум од денот на оценување на обвинението.

Во меѓувреме, ОЈО ГОКК отвори нова истрага против Јованов поради сомнение за давање поткуп. Според обвинителството, тој е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија со цел да обезбеди лиценца за вршење угостителска дејност без да поднесе барање и иако знаел дека објектот не ги исполнува законските услови.

До Основниот кривичен суд Скопје е доставен и предлог за определување притвор во овој нов предмет.

CATEGORIES
Share This