НАЈАВА ОД ЈАНЕВСКА Нови стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби

МОН најавува две нови категории стипендии, а студентите кои ќе ги исполнат условите и ќе се пријават ќе добијат финансиска поддршка.

НАЈАВА ОД ЈАНЕВСКА Нови стипендии за студенти со ретки болести и посебни образовни потреби
Фото: Принтскрин

Министерката за образование и наука Весна Јаневска најави воведување две нови категории студентски стипендии, покрај постојните што Министерството ги доделува секоја година.

Стипендии ќе добиваат студенти со ретки болести и студенти со посебни образовни потреби, а според најавата, сите што ќе се пријават ќе бидат опфатени со мерката. Конкурсот за стипендии треба да биде објавен наскоро.

„Со тоа повеќе млади ќе добијат поддршка за пристап до високото образование“, рече Јаневска во обраќањето на првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Во однос на иницијативата на студентските организации дневниот износ за субвенциониран студентски оброк да се зголеми од 140 на 200 денари, министерката рече дека предлогот се разгледува.

Јаневска посочи дека се анализираат и други модели на субвенционирање на студентскиот оброк, какви што постојат во соседните земји и за кои во минатото било разговарано со студентите.

Таа нагласи дека иницијативите на студентите внимателно се разгледуваат, а како приоритет во моментот ги посочи студентските домови.

„Во договор со нив формираме приоритети. Приоритети во овој момент се студентските домови, но тоа не значи дека оваа иницијатива нема да ја разгледаме. Да, ја разгледуваме, правиме пресметки“, изјави Јаневска.

Министерката информираше и за подобрувањето на условите во студентските домови. По вчерашното отворање на реновираниот дом „Стив Наумов“ во Автокоманда, наскоро се очекува вселување и во целосно реконструираниот студентски дом „Кузман Јосифовски-Питу“ во центарот на Скопје.

Конкурсот за сместување во „Кузман“ ќе биде објавен веднаш по завршувањето на потребната документација за негово ставање во употреба.

„Потребни ни се уште неколку дена за да ја завршиме комплетната документација“, додаде Јаневска.

CATEGORIES
Share This