ОБВИНИТЕЛСТВОТО БАРА ПРИТВОР Истрагата за милионски малверзации се шири
Одбраната размислува за имотни гаранции наместо притвор, но обвинителството смета дека мерката е оправдана поради тежината на сомневањата.

Основното јавно обвинителство отвори истрага против четири лица осомничени за злоупотреби во постапки за јавни набавки и коруптивни дејствија поврзани со работењето на Царинската управа. Покрај службени лица, меѓу осомничените се и двајца претставници на приватна компанија.
Во рамки на истрагата, Обвинителството до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд достави предлог за определување мерка притвор за сите четворица осомничени.
Обвинителката Искра Хаџивасилева изјави дека барањето за притвор е резултат на досега обезбедените докази и потребата истрагата да продолжи без можност за влијание врз постапката.
„Станува збор за почетна фаза од истрагата во која допрва ќе се прибираат дополнителни докази. Сепак, постојните сомневања, квалитетот на доказниот материјал и околностите во предметот упатуваат дека предлогот за притвор е оправдан и пропорционален“, изјави Хаџивасилева.
Одбраната на осомничените, според неа, размислува за понуда на имотни гаранции како замена за ефективниот притвор. Обвинителството го оценува таквиот предлог како релевантен, имајќи ја предвид природата на кривичните дела за кои се води постапката.
„Бидејќи се работи за финансиски криминал, ваквото размислување на одбраната отвора простор за разгледување на гаранции. Сепак, конечната одлука е во рацете на судот, а законските рокови за одлучување се кратки“, додаде обвинителката.
Истрагата за сомнителните финансиски малверзации продолжува, а од Обвинителството не ја исклучуваат можноста со прибирање нови докази опфатот на постапката да биде проширен и на други лица кои евентуално биле вклучени во случајот.
