ОБИКОЛНИЦАТА КАЈ СКОПЈЕ СО ИЗМЕНЕТ РЕЖИМ Што треба да знаат возачите
Сообраќајот се одвива непречено, но на повеќе делници низ државата има времен режим поради санации, реконструкции и инфраструктурни зафати.

На автопатот А-2, на скопската обиколница меѓу клучките Волково и Кондово, од 12 јуни е во сила времен режим на сообраќај поради санација на потпорни ѕидови. Затворена е лентата за претекнување, додека сообраќајот се одвива по лентата за возење и лентата за присилно запирање, со поставена соодветна сигнализација.
Според информациите на АМСМ, деенска (14 јуни) сообраќајот на државните патишта низ земјава се одвива непречено и по суви коловози. Интензитетот на сообраќај надвор од урбаните средини е умерен, а на граничните премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината на движење и да бидат особено внимателни на патиштата низ котлини, речни долини и клисури, каде што постои можност од појава на одрони. Како покритични делници се посочуваат Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Во меѓувреме, продолжуваат и повеќе инфраструктурни зафати на државната патна мрежа. Во тек е санација на мостови на делницата Гостивар – Стража на автопатот А2, како и реконструкција на мостовите над реката Вардар кај Желино. Градежни активности се изведуваат и на автопатот А1 на делницата Смоквица – Гевгелија, каде се работи на премин на интерконективен гасовод.
Активна е и рехабилитацијата на дел од скопската обиколница во должина од 250 метри меѓу клучките Волково и Кондово, каде што левата лента е затворена за сообраќај.
Поради санација на свлечиште, и натаму е во сила времен режим на сообраќај на регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост, додека на патниот правец Прилеп – Битола, во рамки на изградбата на Коридорот 10Д, сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат од клучка Лагово до Тополчани.
Од 15 април за сообраќај е повторно отворен и патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица за сите возила со маса до 3,5 тони.


