НОВА ИСТРАГА, НОВ ПРИТВОР Јованов од Куманово се сели во Шутка

Доби нови 30 дена притвор за „давање поткуп“, а адвокатката тврди дека обвинителството со доказите располагало уште пред година и пол.

НОВА ИСТРАГА, НОВ ПРИТВОР Јованов од Куманово се сели во Шутка
Фото: Принтскрин

Кривичниот суд му определи нови 30 дена притвор на Дејан Јованов, осомничен во новоотворена истрага за кривичното дело „давање поткуп“. Јованов, кој досега мерката притвор ја издржуваше во затворот во Куманово поради предметот за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, сега ќе биде префрлен во КПУ Затвор Скопје Шутка.

Според Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Јованов е осомничен дека дал поткуп на службено лице во Министерството за економија со цел да му биде обезбедена лиценца за вршење угостителска дејност.

Обвинителството тврди дека Јованов воопшто немал поднесено барање за издавање лиценца, а бил свесен дека фирмата „Пулс“ не ги исполнувала законските услови за добивање на лиценцата.

За кривичното дело „Давање поткуп“ од член 358 став 1 од Кривичниот законик е предвидена затворска казна од една до десет години.

Триесетдневниот притвор е определен поради опасност од бегство и можност за влијание врз сведоци. Бидејќи мерката притвор во предметот поврзан со пожарот во „Пулс“ истекува утре, новоопределениот притвор ќе започне да се извршува веднаш потоа.

Од Кривичниот суд соопштија дека Јованов ќе биде префрлен од КПУ Затвор Куманово во КПУ Затвор Скопје согласно правилата за спроведување и издржување на мерките за обезбедување присуство.

ОБВИНИТЕЛСТВОТО ПРОТИВ ГАРАНЦИЈАТА ОД РЕЧИСИ 200.000 ЕВРА

Во меѓувреме, Обвинителството дало негативно мислење за гаранцијата од речиси 200.000 евра што Јованов ја понудил во предметот за пожарот во „Пулс“.

Според обвинителството, гаранцијата се состои од недвижен имот ставен под хипотека, кој во случај на активирање на гаранцијата тешко би можел да биде впаричен, а дополнително, неговата проценета вредност не го достигнувала износот на гаранцијата.

„Изјавата со која се дава согласност понудениот имот да биде даден како гаранција обвинетиот Дејан Јованов ја дал иако бил свесен дека дел од понудениот недвижен имот е предмет на извршување, па ниту може да биде ставен под хипотека, уште помалку да биде впаричен“, наведува Обвинителството.

Од таму додаваат дека дел од понудениот имот се помошни простории, објекти, шупи и плевна, од кои дел претходно биле бесправни објекти, поради што, според обвинителството, би било исклучително тешко да се впаричат во проценетата вредност.

ОДБРАНАТА: ДОКАЗИТЕ БИЛЕ ПОЗНАТИ УШТЕ ПРЕД ГОДИНА И ПОЛ

Адвокатката на Јованов, Ивана Коцевска, вели дека новата истрага не ја изненадила и тврди дека обвинителството со доказите располагало уште пред година и пол.

Според неа, станува збор за конструкција со која се бара продолжување на притворот на Јованов.

„Ова е тотална злоупотреба на правата на обвинетиот. Не барам никаква привилегија, туку барам сите подеднакво да се третираат пред законот. Вознемирена сум премногу, ова е крајно безобразно од нашите органи. Не само што тука се загрозува неговиот живот, туку имаме еден човечки, нехуман третман кон него“, изјави Коцевска.

Таа тврди дека новата истрага за „давање поткуп“ се однесува на истиот настан кој веќе е опфатен во постапката за пожарот во „Пулс“.

„За службеното лице од Министерството за економија во кочанскиот предмет во обвинението е ставено кривичното дело „примање поткуп“. Ова давање поткуп е во однос на истиот настан кој е опфатен во таа постапка“, вели Коцевска.

Во однос на гаранцијата за предметот за пожарот, од Кривичниот суд соопштија дека денеска таа била повлечена.

Адвокатката Коцевска, пак, посочи дека повторно ја предложила гаранцијата и побарала Јованов да биде ставен во куќен притвор поради неговата здравствена состојба, но, како што вели, барањето не било прифатено.

CATEGORIES
Share This