НОВА ЕКОЛОШКА БУРА ВО СКОПЈЕ Демонстрантите со сериозни обвинувања за „УСЈЕ“
Граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ тврди дека предложената дозвола не предвидува доволна контрола на опасни загадувачи, додека компанијата уверува дека работи согласно сите законски стандарди и еколошки прописи.

Со порака „Не за нова дозвола по стари правила“, граѓани денеска маршираа низ Скопје во знак на протест против обновувањето на А-интегрираната еколошка дозвола за цементарницата „Титан УСЈЕ“. Маршот започна пред Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање, институцијата што треба да одлучува за издавањето на новата дозвола.
Од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“ предупредија дека документот доставен за јавен увид содржи сериозни недостатоци и не ги следи идните еколошки стандарди. Според нив, предложената дозвола предвидува гранични вредности за само три загадувачи, идентични со оние од постојната дозвола и значително повисоки од стандардите што важат во Европската Унија.
Тие посочуваат дека во барањето недостигаат гранични вредности и обврски за мониторинг на тешки метали, диоксини и фурани – супстанции кои се сметаат за особено опасни по здравјето на луѓето и животната средина. Според иницијативата, ова е особено загрижувачко бидејќи компанијата бара зголемување на количините алтернативни горива што ќе ги користи во производниот процес.
Министерот за животна средина Мухамет Хоџа на 20 јуни изјави дека обновувањето на дозволата ќе се спроведе согласно новиот Закон за контрола на индустриските емисии, кој предвидува построги критериуми за заштита на воздухот и животната средина.


