ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ФУДБАЛОТ Внукот на Јохан Кројф избра да игра за САД, а не за Холандија

Иако е роден и израснат во Шпанија, талентираниот фудбалер има право да настапува за Американците преку својот татко.

ИЗНЕНАДУВАЊЕ ВО ФУДБАЛОТ Внукот на Јохан Кројф избра да игра за САД, а не за Холандија
Фото: Принтскрин

Фудбалската династија на легендарниот Јохан Кројф добива неочекувано продолжение. Неговиот 17-годишен внук, Шеј Кројф-Бин, одлучи да ја прифати поканата за настап во младинската репрезентација на Соединетите Американски Држави, отворајќи си можност еден ден да заигра и за сениорската селекција. И покрај шпекулациите што се појавија во медиумите, станува збор за американската репрезентација до 18 години, а не за сениорскиот тим предводен од Маурисио Покетино.

Шеј е син на Шантал Кројф, ќерката на Јохан Кројф, и американскиот спортски консултант Тод Бин, основач на познатата фудбалска академија TOVO во Барселона. Младиот фудбалер е роден и израснат во Шпанија, а моментално настапува во јуниорските категории на каталонскиот клуб Гимнастик од Тарагона. Благодарение на американското потекло на неговиот татко, има право да го носи дресот на САД.

Селекторот на младинските репрезентативни селекции на САД го вклучи Шеј Кројф-Бин во списокот за претстојниот тренинг-камп во Португалија. Таму американските младинци треба да одиграат пријателски натпревари против домашната селекција на Португалија и Норвешка.

Иако од сениорскиот стручен штаб на Маурисио Покетино засега нема официјална реакција, јасно е дека фудбалер со толку познато презиме и семејна традиција ќе биде под посебно внимание на американската фудбалска јавност.

Интересно е што Шеј не е првиот внук на Јохан Кројф кој има фудбалска поврзаност со Соединетите Американски Држави. Неговиот постар полубрат, 33-годишниот Јешуа Ангој-Кројф, исто така имал фудбалска кариера во Америка.

Јешуа е син на Шантал Кројф од нејзиниот прв брак со поранешниот голман на Барселона, Хесус Ангој. Тој минал низ младинската академија на Барселона, а потоа и низ англискиот Виган, пред во сениорската кариера да настапува за американскиот клуб Дејтон Дач Лајонс во USL-лигата. Разликата е во тоа што Јешуа во САД заминал во подоцнежна фаза од кариерата, додека Шеј добива можност уште од младинските категории да се развива во американскиот репрезентативен систем.

Доколку продолжи со напредокот, во иднина би можел да се најде и во конкуренција за сениорската репрезентација на САД.

Фудбалската врска на семејството Кројф со Америка има и историска димензија. И самиот Јохан Кројф во последните години од својата играчка кариера настапувал во американскиот фудбал, носејќи ги дресовите на Лос Анџелес Ацтека и Вашингтон Дипломатс.

Претходно, легендарниот Холанѓанец оставил неизбришлива трага во европскиот фудбал, настапувајќи за Ајакс, Барселона, Леванте и Феенорд. Кројф трипати ја освоил „Златната топка“ на „Франс фудбал“, во 1971, 1973 и 1974 година, како најдобар фудбалер во Европа.

Неговиот син Жорди Кројф, исто така, ја претставувал Холандија на репрезентативно ниво.

Сега, повеќе од една деценија по смртта на Јохан Кројф, неговиот внук Шеј започнува сопствена репрезентативна приказна но под знамето на Соединетите Американски Држави.

CATEGORIES
Share This