МБАПЕ И ХАЛАНД РАСТУРААТ Франција и Норвешка први со билет за осминафинале
Мбапе со два гола го предводеше „триколорот“ до убедлива победа, додека Халанд повторно беше херој на Норвешка со двојна реализација.

Франција и Норвешка први обезбедија место во елиминациската фаза на Светското првенство, откако по две одиграни кола во групата И имаат максимален ефект од шест освоени бодови. Во меѓувреме, во групата Ј, Алжир направи голем пресврт против Јордан и ја задржа надежта за пласман понатаму. Француската репрезентација продолжува со сигурни настапи на Мундијалот. „Триколорите“ го совладаа Ирак со убедливи 3:0, во меч кој ќе биде запаметен не само по головите, туку и по драматичните временски услови во Филаделфија. Поради силното невреме, натпреварот беше прекинуван и траеше речиси четири часа. Кога играта продолжи, главната ѕвезда повторно беше Килијан Мбапе. Напаѓачот постигна два гола, а еден погодок додаде Усман Дембеле. Со четири гола по две средби, Мбапе се израмни со Лионел Меси во трката за најдобар стрелец на турнирот.
Норвешка исто така ја потврди својата сила и обезбеди пласман во нокаут-фазата по драматичната победа над Сенегал со 3:2. Педерсен го отвори резултатот, а Ерлинг Халанд со два гола ја донесе Норвешка до голема предност. Сенегал не се предаде и преку Исмаила Сар двапати ја намали негативата, но скандинавската селекција успеа да го задржи водството и да слави важен триумф. Халанд со четири гола се приклучи на врвот на листата на стрелци и продолжува да биде еден од главните кандидати за „Златната копачка“.
Во групата Ј, Алжир приреди голем пресврт и со победа од 2:1 над Јордан остана во трка за место во следната рунда. Јордан поведе во 36-тата минута преку Ал Раждан, иако претходно Алжир имаше свои шанси, меѓу кои и две пропуштени можности на Ријад Марез. Сепак, упорноста на Алжирците се исплатеше во второто полувреме. Бенбуали израмни во 69-тата минута, а Гуири во 82-рата минута го постигна победничкиот гол за голема радост на својата селекција. Алжир во последното коло ќе игра директен дуел со Австрија за пласман во осминафиналето, додека Јордан останува без бодови и ќе има исклучително тешка задача против актуелниот светски шампион Аргентина.


