НОВ СКАНДАЛ ВО ОБРАЗОВАНИЕТО – Илјадници очи вперени во следната афера што ја најави министерката
Државниот просветен инспекторат веќе поништил дел од спорните уписи на магистерски и докторски студии.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска денеска изјави дека јавноста во Македонија наскоро ќе биде информирана за нов случај на, како што рече, сериозни неправилности во одредени институции. Таа ова го кажа во контекст на актуелниот проблем на Филозофскиот факултет при УКИМ, каде со години се утврдува дека биле вршени незаконски уписи на студенти.
„Многу брзо ќе се појави уште една, многу поголема неправилност од оваа, која ќе ја изненади целата јавност. Во одредени институции постојат повеќе неправилности, но не се општи, и за сите ќе се постапува согласно законот. Дали одговорноста е кај администрацијата или раководството, па дури и дали студенти учествувале, тоа ќе го утврдат надлежните органи“, изјави Јаневска при посетата на Стоматолошкиот факултет.
Случајот се однесува на незаконски уписи на втор и трет циклус студии на лица кои завршиле тригодишни стручни, а не академски студии. Државниот просветен инспекторат веќе донел решение за поништување на уписите на седуммина на магистерски и четворица на докторски студии, при што нивното студирање е прекинато. Осум лица веќе имаат завршено магистерски студии, а нивниот правен статус засега останува неразјаснет.
Ректорката на УКИМ, Билјана Ангелова, изјави дека станува збор за состојба затекната во институцијата и дека се однесува на периодот од 2019 до 2022 година.
„Ова е состојба која ја затекнавме. Се случувала во период меѓу 2019 и 2022 година, во поинакво институционално опкружување и со друго раководство. Ќе почекаме конечен извештај од инспекцијата и потоа ќе постапиме и ќе излеземе со официјални информации“, истакна Ангелова.
Јаневска најави дека Министерството за образование од понеделник ќе донесе конечно решение за случајот, нагласувајќи дека законските прописи мора да се почитуваат, иако изрази жалење за ситуацијата во која се нашле засегнатите студенти.
