НОЌ НА ОГАН И РАКЕТИ Иран и САД разменуваат удари, тензиите ескалираат
Иранските медиуми тврдат дека следел брз и решителен воен одговор по американскиот напад.

Иран објави видео од, како што го нарекува, својот воен одговор на американските напади што, според тврдењата на Техеран, се случиле утрово во близина на аеродромот Бандар Абас.
„Ова е брутален одговор на американскиот напад“, наведуваат иранските медиуми.
Тие пренесуваат дека по американскиот воздушен удар врз позиција на периферијата на аеродромот Бандар Абас, Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГК) започнал контранапади насочени кон, како што тврдат, американска воздухопловна база од која бил извршен првичниот напад.
ИРГК порача дека „овој одговор претставува сериозно предупредување до непријателот“ и дека секој чин на агресија нема да остане без одговор.
Елитните ирански сили предупредија и на „порешителен“ одговор доколку, како што велат, се повтори каков било напад, додавајќи дека целосната одговорност за последиците ќе ја сноси „агресорот“.
Според соопштението на ИРГК, нападот врз американската воздухопловна база бил извршен во 4:50 часот по локално време, како одговор на американската акција во близина на аеродромот Бандар Абас. Агенцијата Мехр наведува дека локацијата на погодената американска база не е објавена.
Во меѓувреме, американски воен функционер изјави дека во текот на ноќта биле извршени напади врз ирански воени локации, при што биле соборени четири ирански беспилотни летала во близина на Хормутскиот теснец. Според истиот извор, воздушниот удар погодил иранска контролна станица во Бандар Абас, од каде што, наводно, бил подготвуван нов напад со дронови.
Американската страна тврди дека акциите биле „исклучиво одбранбени“ и насочени кон одржување на прекинот на огнот што стапил на сила на 8 април.
