НЕМА БРЗАЊЕ – Трамп го замрзна конфликтот со Иран, мир без рок и без крај
Примирјето продолжено на неодредено време, спротивно на медиумските информации.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не постои утврден рок за прекин на огнот со Иран, ниту пак е договорен нов датум за продолжување на преговорите.
Во интервју за Fox News, тој рече дека примирјето со Иран е продолжено „на неодредено време“, демантирајќи медиумски тврдења дека тоа е направено само за три до пет дена.
Осврнувајќи се на информациите за запленети товарни бродови од страна на иранските сили во Хормутскиот теснец, Трамп нагласи дека „не станува збор за американски бродови“ и додаде дека САД внимателно ја следат ситуацијата.
На прашањето кога би можел да заврши конфликтот, тој одговори дека „нема временска рамка“ и дека нема потреба од брзање.
Трамп ги отфрли тврдењата дека сака брзо завршување на војната поради политички причини, вклучително и изборите, велејќи дека тоа не е точно.
Тој оцени дека поморската блокада им нанесува поголем притисок на иранските власти отколку воените напади, додавајќи дека „блокадата ја сметаат за особено болна последица“.
Исто така, Трамп го опиша иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, како „паметен човек“ и посочи дека тој би можел да биде дел од иранската делегација во евентуалното продолжување на преговорите меѓу Техеран и Вашингтон.
