НЕ МУ ПОМОГНА НИТУ МОЌНОТО ПОРШЕ Возел 188 километри на час, полицијата го приведе и му го одзеде возилото
Возач на „Порше“ со српски таблички бил фатен на автопатот Куманово–Скопје како вози 188 километри на час на делница каде што дозволената брзина е 100 км/ч, по што бил приведен, а возилото одземено.

Полициски службеници синоќа привеле 30-годишен државјанин на Србија откако бил фатен како вози со речиси двојно поголема брзина од дозволената на автопатот Куманово–Скопје.
Како што информира Министерството за внатрешни работи, при сообраќајна контрола кај клучката „Рафинерија“, со помош на радар било запрено патничко возило „Порше“ со српски регистарски таблички, управувано од Б.С. (30).
При мерењето било утврдено дека возачот се движел со брзина од 188 километри на час на делница каде што максимално дозволената брзина е 100 километри на час.
Поради сторениот прекршок, полицијата го одзела возилото, а возачот бил приведен и задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Од МВР потсетуваат дека непочитувањето на ограничувањата на брзината е една од најчестите причини за сообраќајни несреќи со сериозни последици по животот и здравјето на граѓаните.
Оттаму упатија апел до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата и прописите и со одговорно однесување да придонесат за поголема безбедност на патиштата.


