ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ПОД ЗАКАНА ОД БЛОКАДА Бугарската амбасада се огласи со силен апел

Амбасадата во Скопје повика протестите да не го нарушат слободното движење, по најавите за двочасовни блокади на три гранични премини.

ГРАНИЧНИТЕ ПРЕМИНИ ПОД ЗАКАНА ОД БЛОКАДА Бугарската амбасада се огласи со силен апел
Фото: Принтскрин

Амбасадата на Бугарија во Скопје упати повик да не се блокираат граничните премини и патните правци меѓу Бугарија и Северна Македонија, истакнувајќи дека ваквите активности не придонесуваат за подобрување на односите меѓу двете земји.

Во објава на официјалната Фејсбук-страница на дипломатската мисија, потпишана од бугарскиот амбасадор во земјава, Железко Радуков, се наведува дека амбасадата го поддржува правото на мирен граѓански протест како едно од основните демократски права, но истовремено апелира протестите да не доведат до прекин на комуникацијата и движењето меѓу двете соседни држави.

Објавата следува по неодамнешното опожарување на два службени автомобила на бугарската амбасада во Скопје. Од мисијата им се заблагодаруваат на бугарските институции, организации и граѓани за поддршката што ја добиле во, како што наведуваат, „особено тешки услови“.

Според амбасадата, националниот интерес на Бугарија е земјата да остане отворена кон своите југозападни соседи преку развој на културната размена, економската соработка, трговијата и контактите меѓу семејствата од двете страни на границата.

„Ова е најдобриот начин да се спротивставиме на омразата“, се наведува во соопштението, во кое се додава дека одржувањето на врските меѓу двете општества придонесува за нагласување на блискоста меѓу народите, како и на придобивките од заедничката историја и заедничката европска иднина.

Од амбасадата потенцираат дека изразувањето незадоволство и загриженост во врска со актуелните случувања во Скопје треба да има конструктивен и европски карактер.

Воедно, дипломатската мисија реагира и на квалификациите во дел од македонската јавност и медиуми, каде одредени бугарски организации биле означени како „анти-македонски“. Според амбасадата, ваквите оценки се неосновани и непродуктивни, а различните ставови и гледишта се дел од демократскиот плурализам и јавниот дијалог.

„Плурализмот не е насочен против никого, туку служи за подобро разбирање и унапредување на односите меѓу двете земји“, порачуваат од Амбасадата на Бугарија во Скопје.

Да потсетиме, во недела се очекуваат привремени блокади на неколку гранични премини меѓу Северна Македонија и Бугарија, откако бугарската организација „Македонија“ најави двочасовен протест, јавуваат бугарските медиуми.

Според најавите, блокадите ќе се одржат на граничните премини Деве Баир, Делчево и Ново Село. Организаторите тврдат дека за протестната акција добиле одобрение од бугарското Министерство за внатрешни работи.

Протестот е најавен еден ден по инцидентот пред Амбасадата на Бугарија во Скопје, кога беа запалени две возила со дипломатски регистарски таблички. Осомничениот за случајот е брзо идентификуван и приведен од полицијата, а инцидентот беше осуден од официјалните власти во двете земји.

Од организацијата „Македонија“ велат дека блокадите се порака до македонската Влада и премиерот Христијан Мицкоски. Тие наведуваат дека не сакаат целосно да го попречат движењето на граѓаните преку границата, поради што протестот ќе трае ограничено време.

„Нашата цел е да му покажеме на Мицкоски дека не може да продолжи со репресиите. Не ни е намера да го ограничиме слободното движење на граѓаните, затоа блокадата ќе трае два часа, а не подолго“, се наведува во повикот за протест.

https://nacionalno.mk/raschisten-slucha-ot-priznal-deka-gi-zapalil-diplomatskite-vozila-na-bugarskata-ambasada-vo-skop-e/

CATEGORIES
Share This