НЕ Е ДОЗВОЛИВО – ЗНМ и ССНМ жестоко му одговорија на Филипче
ЗНМ и ССНМ реагираат по изјавата на Венко Филипче упатена кон новинар на ТВ Алфа.

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) и Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) реагираат на изјавата на претседателот на СДСМ, Венко Филипче, упатена кон новинар на ТВ Алфа.
Од таму оценуваат дека е недопустливо и несоодветно за лидер на политичка партија јавно да изнесува обвинувања за корупција придружени со дискредитирачка реторика насочена кон новинари и медиуми. Според нив, ова не претставува изолиран случај, туку дел од сè поизразена пракса во која политички чинители се обидуваат да создадат наративи за оцрнување на одредени новинари и редакции.
Тие потенцираат дека медиумите не смеат да бидат инструмент во политички пресметки. Јавното етикетирање и префрлањето вина врз новинари и медиуми, велат од ЗНМ и ССНМ, не е во согласност со демократските стандарди и слободата на изразување.
Во случај на сомнежи за неправилности во работењето на одредени медиуми, тие треба да се процесираат преку надлежните институции и законски процедури, а не преку јавни политички напади, наведуваат од двете организации.
Истовремено предупредуваат дека ваквите постапки ја нарушуваат довербата во медиумите и апелираат до политичките субјекти да се воздржат од изјави кои можат да поттикнат притисоци или дискредитација на новинарите.
ЗНМ и ССНМ потсетуваат дека меѓународните стандарди бараат од политичарите повисоко ниво на толеранција кон медиумското известување и воздржаност од навредлив и понижувачки јазик кон новинарите.
Организациите најавуваат дека ќе продолжат да ги следат ваквите случаи и јавно да реагираат секогаш кога новинари и медиуми се изложени на политички притисоци или таргетирање.
