НАТО, САД И ОАЕ СО ЧЕСТИТКИ ЗА 8 СЕПТЕМВРИ Македонија е доверлив сојузник и партнер
35 години независност, честитки пристигнаа од Вашингтон, Брисел и Абу Даби.

НАТО, Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати упатија честитки до Македонија по повод 8 Септември – Денот на независноста, одбележувајќи ја 35-годишнината од референдумот на кој граѓаните се изјаснија за суверена и самостојна држава.
Северноатлантската алијанса преку својот официјален профил на социјалната мрежа X упати честитка до граѓаните на Македонија, која од март 2020 година е полноправна членка на НАТО.
Македонија официјално стана 30-та членка на Алијансата на 27 март 2020 година, со депонирањето на инструментот за пристапување кон Северноатлантскиот договор во Вашингтон. Неколку дена подоцна, на 30 март, македонското знаме беше подигнато пред седиштето на НАТО во Брисел, како и во командите на Алијансата во Монс и Норфолк.
Со членството во НАТО, Македонија стана дел од системот на колективна одбрана предвиден со членот 5 од Северноатлантскиот договор. Припадниците на Армијата на Република Македонија активно придонесуваат во повеќе мисии и операции на Алијансата.
Честитката од НАТО доаѓа неколку месеци по посетата на генералниот секретар Марк Руте на Скопје. За време на посетата во март, Руте ја оцени Македонија како ценет и сигурен сојузник, посочувајќи дека македонските војници придонесуваат во истурените сили на НАТО во Бугарија и Летонија, како и во мировната мисија КФОР на Косово.
Руте ја поздрави и определбата на државата да издвојува повеќе од два проценти од БДП за одбраната.
Честитка упати и американскиот државен секретар Марко Рубио, кој порача дека САД се горди што стојат покрај Северна Македонија како доверлив сојузник и партнер.
Во честитката објавена на веб-страницата на американскиот Стејт департмент, Рубио истакна дека Македонија има важна улога во зајакнувањето на безбедноста и стабилноста во регионот, преку придонесот кон заедничката одбрана, борбата против тероризмот и напорите за сајбер-безбедност.
Тој го поздрави и растот на економското партнерство меѓу двете земји, вклучително и преку овогодишниот Стратешки дијалог во Вашингтон, посочувајќи ги енергетиката, инфраструктурата и технологијата како области со потенцијал за натамошно продлабочување на соработката.
„Во име на американскиот народ, им упатувам најтопли честитки на народот на Северна Македонија, додека славите 35 години независност“, порача Рубио.
По повод празникот честитки пристигнаа и од Обединетите Арапски Емирати. Претседателот на ОАЕ, шеик Мохамед бин Зајед Ал Нахјан, испрати пораки до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и премиерот Христијан Мицкоски, со желби за среќен Ден на независноста, како и за континуиран мир, безбедност и просперитет.
Во рамки на одбележувањето на празникот, вршителката на должност амбасадор на САД во Македонија, Никол Варнс, заедно со претставници на дипломатскиот кор, присуствуваше и на положувањето цвеќе на вечните почивалишта на првиот претседател Киро Глигоров, поранешниот претседател Борис Трајковски и првиот премиер Никола Кљусев.

