НАТО ЈА ФАТИ СЛОВЕНИЈА ВО ФИНТА Руте тврди дека бројките на пари за НАТО не ја кажуваат вистината
Одбранбените буџети стануваат ново жариште во Алијансата – кој ќе ја исполни целта, а кој ќе заостане?

Прашањето за издвојување најмалку два проценти од БДП за одбрана ккао обврска, повторно се отвора во пресрет на претстојниот самит на НАТО во Анкара, каде што сојузниците треба да се обврзат до 2035 година да издвојуваат пет проценти од БДП за одбрана и безбедност. Новата цел предизвикува сериозни дебати во повеќе европски земји, кои се соочуваат со финансиски и политички пречки.
Според дипломатски извори, Руте подготвил доверлива анализа за напредокот на членките во исполнувањето на одбранбените обврски. Посебно внимание ќе биде посветено на државите кои сè уште не ја достигнале досегашната граница од два проценти од БДП.
Руте побара од сите членки пред самитот да достават конкретни и реални планови за зголемување на буџетите за одбрана. Меѓу земјите кои заостануваат, тој ги посочи и Словенија, Албанија и Чешка.
Најголем отпор кон новите пет проценти покажува Шпанија. Владата во Мадрид смета дека доволни се околу 2,1 процент од БДП за да се обезбедат потребните воени капацитети. Иако годинава за одбрана се издвоени 34 милијарди евра, останува неизвесно дали НАТО ќе ги прифати сите ставки што Шпанија ги вклучува во својата пресметка.
Предизвици има и Велика Британија. Иако Лондон формално ја поддржува новата цел, моментално целосно обезбедени се средства за околу 2,6 проценти од БДП, а сè уште нема јасен план како ќе се достигнат значително повисоките издвојувања.
Унгарија, пак, се обидува да ги усогласи потребите за модернизација на армијата со ограничувањата во јавните финансии. Аналитичарите предупредуваат дека нејзиниот одбранбен буџет повторно би можел да падне под границата од два проценти.
Под лупа е и Чешка, каде што дел од сојузниците ја доведуваат во прашање методологијата за пресметување на воените расходи. Причина за сомнежите се инфраструктурни проекти кои Прага ги вклучува во категоријата одбранбени инвестиции.
Најголемо внимание сепак предизвикува случајот со Словенија. Според информации на „Политико“, НАТО неформално ги оспорил словенечките пресметки. Во писмо до властите во Љубљана, Руте навел дека достигнатите 2,01 процент од БДП се резултат на вклучување ставки кои не се сметаат за класични одбранбени трошоци според критериумите на Алијансата.
Без тие ставки, реалното издвојување за одбрана би било околу 1,6 проценти од БДП. Словенечки експерти оценуваат дека забелешките на НАТО се оправдани и потсетуваат дека претходните власти барале алтернативни начини на пресметка за да ја исполнат целта.
Во Италија, премиерката Џорџа Мелони се соочува со сличен предизвик и да ги исполни обврските кон НАТО без да предизвика дополнителен притисок врз домашниот буџет. Рим планира годинава да достигне 2,8 проценти од БДП за одбрана и безбедност, но експертите сметаат дека ќе бидат потребни уште поголеми вложувања.
Спорот околу одбранбените буџети покажува дека и покрај растечките безбедносни закани, голем дел од европските членки на НАТО сè уште се борат со политички, финансиски и административни пречки за исполнување на амбициозните цели на Алијансата.


