СПЕКТАКЛ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО „Кармина Бурана“ ќе одекне низ Скопје

Повеќе од 200 музичари од Македонија, Бугарија и Грција ќе ја обединат силата на оркестрите и хоровите во грандиозна изведба под отворено небо.

СПЕКТАКЛ ПОД ОТВОРЕНО НЕБО „Кармина Бурана“ ќе одекне низ Скопје
Фото: Принтскрин

Голем музички спектакл ќе го одбележи завршувањето на концертната сезона „Без Филтер“ на Филхармонијата на Република Северна Македонија. Вечерва со почеток во 21 часот, во Градскиот парк во Скопје, публиката ќе има можност да ја проследи монументалната музичко-сценска кантата „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф.

На сцената ќе се обединат повеќе од 200 уметници од Македонија, Бугарија и Грција, во проект кој ја нагласува силата на музиката како мост меѓу народите и културите.

Во изведбата ќе учествуваат Оркестарот на Филхармонијата на РСМ, музичари од Софиската филхармонија и Државниот симфониски оркестар од Солун, како и хорот на Македонската опера и балет, детскиот хор „Пиколо“ и хорот од Музичкото училиште од Солун.

Со оркестрите и хоровите ќе раководи маестро Најден Тодоров од Бугарија, кој е иницијатор на овој регионален проект, претходно реализиран во Софија и Солун.

Како солисти ќе настапат македонската сопранистка со светска кариера Ана Дурловски, грчкиот тенор Николас Спанос и бугарскиот баритон Иво Јорданов.

Директорот на Филхармонијата, Мустафа Имери, посочи дека овој концерт е потврда за успешната соработка меѓу трите балкански оркестри и доказ дека уметноста може да ги надмине границите и да ги поврзе луѓето.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека културата ја има најголемата вредност кога е достапна за сите граѓани, додавајќи дека бесплатниот концерт е подарок за публиката и можност за заедничко уживање во врвна уметност.

Организаторите најавуваат вечер исполнета со моќната музика на Орф, под ѕвездено небо, со порака за пријателство, соработка и културно поврзување на Балканот.

ГОЛЕМ СПЕКТАКЛ НА 20 ЈУНИ „Кармина Бурана“ под отворено небо со над 200 уметници

CATEGORIES
Share This