НАД 10.000 ПРЕКРШОЦИ ЗА ЧЕТИРИ МЕСЕЦИ – МВР санкционираше возачи на тротинети, велосипеди и мотоцикли
За четири месеци МВР регистрираше 10.411 прекршоци и откри 619 кривични дела во сообраќајот.

Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи од мај до август 2026 година спроведе засилени сообраќајни контроли на целата територија на државата, со посебен фокус на возачите на електрични тротинети, велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
Во текот на контролите биле констатирани 10.411 прекршоци. Од нив, 1.571 се однесуваат на електрични тротинети, 34 на велосипеди, а дури 8.806 на мопеди, мотоцикли и трицикли.
Најчест прекршок е некористењето заштитен шлем – кацига, за што биле регистрирани 7.303 случаи.
МВР евидентирало и 718 прекршоци за управување по несоодветна површина, 401 за управување со нерегистрирани возила и/или возила без полиса за осигурување, како и 322 случаи на некористење рефлектирачки елек.
Дополнително, полицијата констатирала 81 прекршок за управување од лица помлади од 18 години, 45 случаи на управување под дејство на алкохол и уште 1.541 прекршок од друг вид.
ОТКРИЕНИ И 619 КРИВИЧНИ ДЕЛА
Покрај прекршоците, при засилените контроли биле откриени и 619 кривични дела.
Најголемиот дел, односно 604 случаи, се однесуваат на управување возило без возачка дозвола. Регистрирани се и 14 случаи на управување под дејство на алкохол, како и едно кривично дело за управување во забранет правец.
Во рамки на преземените мерки, полицијата одзела вкупно 423 превозни средства – 20 електрични тротинети и 403 мопеди, мотоцикли и трицикли.
Од МВР најавуваат дека засилените сообраќајни контроли продолжуваат, со посебен акцент на прекршоците и однесувањата со кои се загрозува безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Целта, како што посочуваат од Министерството, е навремено откривање и санкционирање на прекршувањата, спречување на сообраќајни незгоди и заштита на човечките животи.
МВР упатува апел до сите возачи да ги почитуваат сообраќајните правила, да користат соодветна заштитна опрема, да не управуваат под дејство на алкохол и да не управуваат возила без исполнување на законските услови.
Посебно се апелира на внимателно и одговорно однесување кон пешаците и останатите учесници во сообраќајот.
Побезбедни патишта, посигурни животи. Безбедноста во сообраќајот не е случајност и таа е одлука.

