НАД 1.500 ОВЦИ УНИШТЕНИ ВО КУМАНОВСКО Сипаниците се шират, ветеринарите стравуваат од нови жаришта

Првиот случај беше регистриран токму во Куманово, а болеста во меѓувреме се појави и во други региони. Ветеринарите предупредуваат на сериозна закана за сточниот фонд и бараат строго почитување на мерките.

НАД 1.500 ОВЦИ УНИШТЕНИ ВО КУМАНОВСКО Сипаниците се шират, ветеринарите стравуваат од нови жаришта
Фото: Принтскрин

Над 1.500 овци од кумановскиот регион досега се уништени поради појавата на сипаници кај малите преживари. Болеста претставува сериозна закана за сточниот фонд, а штетите за сточарите и економијата се значителни. Првиот случај на болеста во земјава беше регистриран кон крајот на јануари токму во Куманово. Оттогаш, болеста продолжи да се шири, а ветеринарните екипи интервенираа во Младо Нагоричане, како и во Сопот.

Засега нема регистрирани нови жаришта во кумановскиот регион, но стручните лица предупредуваат дека ризикот од понатамошно ширење останува висок и апелираат доследно да се почитуваат мерките за заштита.

„Првите симптоми на болеста се висока треска, слабост и губење на апетит, отечени лимфни јазли кај животните, исцедок од носот, устата и очите, како и отежнато дишење. Кај генерализираната форма, животното се движи кон сигурна смрт. Смртноста е голема, а кај јагнињата достигнува од 70 до 80 отсто“, изјави Зоран Пешевски од Ветеринарната станица Куманово.

Нови жаришта во меѓувреме се регистрирани и во Македонска Каменица, Делчево и во светиниколскиот регион.

Ветеринарите апелираат на строго контролирање на движењето на животните, задолжителен карантин од 21 ден за новонабавените овци и доследно спроведување на мерките за биосигурност.

Според ветеринарот Пешевски, ризикот од ширење постои и преку опремата и лицата кои работат со овци, доколку не се применуваат соодветни мерки за дезинфекција. Сепак, како најголем ризик за пренос ја посочува директната контактна инфекција меѓу животните, како и нелегалната трговија со овци.

Доколку бројот на жаришта продолжи да расте, покрај досегашните мерки, ветеринарите препорачуваат да се разгледа можноста за воведување регионална вакцинација.

По појавата на болеста, добиточните пазари за овци и кози се затворени, а на одгледувалиштата каде што е потврдена инфекцијата им е изречена забрана за повторно населување со животни во период од шест месеци.

CATEGORIES
Share This