НАД 1.400 МАТУРАНТИ УТРЕ НА ВТОР ОБИД Меѓу нив и 226 ученици со поништен испит

Августовскиот рок за државната матура започнува утре, а кандидатите ќе полагаат на 12 и 14 август во четири градови и на осум локации.

НАД 1.400 МАТУРАНТИ УТРЕ НА ВТОР ОБИД Меѓу нив и 226 ученици со поништен испит
Фото: Принтскрин

Августовската сесија од државната матура започнува утре, а на испитите ќе се појават повеќе од 1.400 кандидати кои во јунскиот рок не успеале да ги положат испитите. Полагањето ќе се одржи на 12 и 14 август, со почеток во 9 часот.

На првиот испитен ден кандидатите ќе го полагаат изборниот екстерен предмет – математика или англиски јазик.

За разлика од јунската сесија, кога бројот на кандидати беше значително поголем, августовското полагање ќе се организира во четири градови и на осум локации. Испитите повторно ќе се одржуваат и на факултетите – Економскиот, Градежниот и Педагошкиот факултет во Скопје, како и на соодветни факултети во Тетово, Прилеп и Штип.

Од средните училишта, полагање ќе има само во спортската сала на АСУЦ „Боро Петрушевски“ во Скопје. Таму ќе бидат распоредени ученици од повеќе средни училишта. Државниот испитен центар (ДИЦ) на својата веб-страница го објави распоредот со информација за тоа каде секој кандидат треба да го полага испитот.

Во августовскиот рок ќе полагаат и 226 матуранти на кои испитите им биле поништени во јунската сесија. Кај дел од нив било утврдено дека препишувале за време на испитот, додека кај други неправилностите биле откриени при прегледувањето на тестовите.

Во јунскиот рок просечната оценка од сите три типа матура – државна, државна стручна и државна уметничка изнесува 3,66. Просечната оценка на државната матура била 3,62, на државната стручна матура 3,91, а на државната уметничка матура 3,59.

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на ДИЦ Даниела Јовчевска-Михајловска, резултатите покажуваат дека просечниот успех е задржан на слично ниво како и минатата година. Во 2025 година просекот бил 3,69, додека во 2024 година изнесувал 3,26.

Јаневска оцени дека резултатите се објективни и дека подготовките за новиот концепт на матура биле успешно спроведени. Годинава првпат се применува новата Концепција со три различни типа матура, со што учениците се тестираат според материјалот што го изучувале во текот на средното образование.

Во јунската сесија од учебната 2025/2026 година биле пријавени вкупно 14.587 ученици. Од нив, 12.184 се пријавиле за државна матура, 2.276 за државна стручна матура, а 127 за државна уметничка матура.

На испитите не се појавиле 348 пријавени кандидати, што претставува 2,39 отсто од вкупниот број.

По објавувањето на резултатите од екстерните испити биле поднесени 805 приговори, односно 2,86 отсто од матурантите кои полагале. Прифатени биле приговори за 0,95 отсто од случаите, додека 133 ученици побарале увид во своите тестови.

Августовскиот рок за матурантите претставува втора можност за оние кои не успеале да ги положат испитите во јуни, но и за кандидатите на кои резултатите им биле поништени поради утврдени неправилности.

CATEGORIES
Share This