НЕОБИЧНО ОПРАВДУВАЊЕ НА ДИМИТРИЕВСКИ – Вели дека СДСМ и ДУИ 20 години ја растураат државата, а од тие 20 Максим со нив беше само 16 години
Димитриевски ги обвини поранешните партнери дека 20 години ја воделе државата во погрешна насока, но „заборави“ дека и самиот дел од тој период бил со нив.

Претседателот на ЗНАМ, Максим Димитриевски, упати остри критики кон СДСМ и ДУИ, обвинувајќи ги дека по две децении учество во власта денес се меѓу најгласните критичари на состојбите во државата.
Во телевизиско гостување, Димитриевски оцени дека политичките структури кои со години биле дел од власта имале доволно време и можности да ги решаваат проблемите за кои денес зборуваат.
Според него, Македонија предолго ги трпела последиците од недоволната комуникација меѓу власта и опозицијата, особено во периоди кога биле потребни државнички одлуки. Тој смета дека партиските интереси често биле ставани пред интересите на државата и дека денешните критичари треба да се соочат со сопствените одлуки и политичкото наследство.
„Јас и луѓето заедно со мене во мојот тим, со СДСМ расчистивме многу одамна, уште кога сметавме дека државата ја водат во многу лоша насока“, порача Димитриевски.
Осврнувајќи се на актуелните случувања во СДСМ, лидерот на ЗНАМ посочи дека дел од оние кои денес ја критикуваат партијата претходно биле дел од нејзиното раководство и системот на управување.
„Едниот беше еден од главните политички гуруа на Димитар Ковачевски. Другите беа членови по управни одбори и така натаму, тогаш молчеа, кога Максим зборуваше“, изјави Димитриевски.
Во однос на ДУИ, тој оцени дека политичката ситуација денес е значително поинаква, бидејќи партијата се наоѓа во опозиција. Според него, со тоа е намален просторот за политички условувања и уцени кои, како што тврди, постоеле во минатото.
Од ЗНАМ порачаа дека СДСМ и ДУИ треба да се соочат со сопственото политичко наследство, наместо повторно одговорноста за состојбите во државата да ја префрлаат на други.
„Времето на политичари кои бараат алиби за своите неуспеси завршува. Секој во Македонија ќе мора да стои зад своите одлуки, своите резултати и своето политичко наследство. Историјата не се пишува со прес-конференции и партиски соопштенија, таа се пишува со дела“, порачаа од ЗНАМ.
https://nacionalno.mk/znam-maksim-dimitrievski-e-chesen-patriot-sdsm-se-kriminalci-reketari-i-bugarofili/

