ПРВО ИЗБОРИ ПОТОА ПЕНЗИЈА Ахмети: Ако утре се одржат, ние сме подготвени
Лидерот на ДУИ вели дека предвремените парламентарни избори се најдоброто решение, но признава дека по 25 години на политичката сцена размислува за повлекување.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, смета дека предвремените парламентарни избори би биле најдоброто решение за земјата, со цел да се промени политичката атмосфера и да се спречи натамошно влошување на состојбите.
Во гостувањето во емисијата „Click Plus“ на ТВ21, Ахмети оцени дека предвремени парламентарни избори најверојатно нема да има до крајот на оваа година, туку следната. Сепак, тој порача дека ДУИ е подготвена за избори во секој момент.
„Треба да се промени климата, сигурно ми се чини дека и најголемата македонска партија сфатила дека работите не одат добро. Треба да се внимава при изборот и да се почитува мнозинството Албанци, а најдобро решение би биле предвремените избори. Ако утре се одржат, ние сме подготвени“, изјави Ахмети.
Според него, потребно е да се создаде нова политичка атмосфера и навреме да се преземат чекори за да не дојде до дополнително влошување на ситуацијата во државата. Во истото интервју, Ахмети откри и дека сè почесто размислува за повлекување од активната политика. По повеќе од две децении на политичката сцена, тој призна дека размислува за пензионирање и за својата политичка иднина.
„Искрено, јас лично размислувам за тоа, бидејќи зад мене се 25 години политика и историја. Животот во постојани активности и со состаноци носи свое оптоварување“, рече Ахмети.
Сепак, лидерот на ДУИ додаде дека неговите сопартијци и соборци сметаат оти сè уште не е време за негово повлекување и дека неговото присуство во политиката останува потребно.
Ахмети зборуваше и за промените во раководството на ДУИ, посочувајќи дека партијата веќе направила значително кадровско освежување. Според него, повеќе од 83 отсто од раководните структури сега ги сочинуваат нови и млади лица.

