МУЦУНСКИ ОД СОФИЈА Не решивме ниту едно суштинско прашање
По средбата со Чамова, македонскиот министер призна дека позициите остануваат далечни, а недовербата и новите билатерални барања и натаму го оптоваруваат европскиот пат.

Билатералните односи, евроинтеграциите, недовербата меѓу Скопје и Софија и Акцискиот план за малцинствата биле главните теми на средбата на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски со бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова, одржана во Софија.
По разговорите, Муцунски оцени дека средбата поминала во конструктивна атмосфера и позитивен дух, но нагласи дека суштинските разлики меѓу двете држави остануваат големи. Договорено е дијалогот да продолжи за сите прашања од заеднички интерес.
„Не е дека решивме некое суштинско прашање. Позициите сè уште се многу далечни, за тоа нема никаква дилема, но разговаравме во позитивен дух за развивање на дијалогот во периодот што следи“, изјави Муцунски.
Тој посочи дека меѓу двете страни постои висок степен на недоверба, особено во однос на предвидливоста на европската интеграција на Македонија. Како причина ја наведе досегашната практика на отворање нови билатерални барања откако претходните прашања биле затворани.
„Ние сме земја кон којашто низ годините постојано има некои билатерални барања и штом се затворало едно, потоа се отворало ново. Значи, таа недоверба постои“, рече македонскиот министер.
Муцунски повтори дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не треба да го оптоваруваат европскиот пат на земјава. Тој нагласи дека дијалогот е неопходен за надминување на разликите, но дека неговото продолжување само по себе не гарантира постигнување решение.
Една од темите на разговорите бил и Акцискиот план за малцинствата, за кој двете страни се договориле да продолжат да разговараат во наредниот период.
Од своја страна, Петрова Чамова изјавила дека го прашала Муцунски во кој временски период би можеле да се спроведат уставните измени. Според нејзиното толкување, македонскиот министер одговорил дека е потребно најпрво да се изгради доверба.
Прашањето за посмртните останки на цар Самуил, според изјавите на двајцата министри, не било дел од разговорите.
По средбата со бугарската колешка, Муцунски разговарал и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во фокусот биле билатералните односи со Бугарија, реформската агенда на Македонија, стратешките приоритети и можноста Европската Унија да придонесе за придвижување на пристапниот процес.
Муцунски информираше дека со Европската комисија биле разгледани повеќе прашања од заеднички интерес, меѓу кои и начините на кои Унијата би можела да има конструктивна улога во надминувањето на застојот во односите со Софија.
„Мој впечаток е дека Европската Унија ќе направи сè што е можно, а кај Европската комисија пред сè има сериозен интерес да се постигне напредок во процесот на отворање на преговорите за нашата држава“, изјави Муцунски.
Тој нагласи дека позициите на Владата остануваат непроменети и дека дијалогот мора да продолжи во духот на добрата волја, со почитување на интересите на Македонија.
Средбите во Софија се одржаа во период кога повторно се актуализира прашањето за деблокирање на евроинтеграциите на Македонија. И покрај договорот за продолжување на комуникацијата, засега нема најава за надминување на суштинските разлики меѓу двете страни.

