БУГАРИЈА ЈА ЗАТВОРИ ВРАТА ЗА РЕПРЕГОВАРАЊЕ Повторно договарање не може да има

Само еден ден по средбата со Муцунски, шефицата на бугарската дипломатија порача дека Софија не отстапува од преземените обврски и се спротивставува на квалификувано мнозинство во процесот на проширување на ЕУ.

БУГАРИЈА ЈА ЗАТВОРИ ВРАТА ЗА РЕПРЕГОВАРАЊЕ Повторно договарање не може да има
Фото: Принтскрин

Бугарија не прифаќа повторно преговарање за обврските на Македонија на патот кон Европската Унија, ниту посредништво за нивно менување, а се спротивставува и на воведување квалификувано мнозинство во процесот на проширување. Ова е пораката што бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова ја упати од говорницата на Народното собрание во Софија, само еден ден по средбата со македонскиот министер за надворешни работи Тимчо Муцунски.

Одговарајќи на пратенички прашања за билатералните односи и европската интеграција на Македонија, Петрова Чамова порача дека бугарската позиција останува непроменета и дека уставните измени со одложено дејство се неприфатливи за официјална Софија.

„Бугарија не учествува во консултации за повторно преговарање за преземените обврски со Скопје. Нема потреба од никакви преговори за повторно договарање, бидејќи таквите преговори се неприфатливи за нашата земја, како и какво било посредништво на оваа тема. Повторно договарање не може да има“, изјави министерката.

Таа ги оцени како неосновани тврдењата дека се разгледува можноста за репреговарање на условите и оцени дека тие можат да бидат поврзани со внатрешнополитички цели во Скопје.

Петрова Чамова повтори дека спроведувањето на договорот од 2022 година е, според Софија, единствениот пат за напредок на Македонија кон членство во ЕУ. Истовремено, таа нагласи дека Бугарија не поставува нови барања надвор од европската рамка, туку инсистира на почитување на веќе преземените обврски и гарантирање на правата на Бугарите во Македонија.

Бугарската министерка се спротивстави и на евентуалното воведување квалификувано мнозинство во различни фази од пристапниот процес, особено во делот на проширувањето на Европската Унија.

„Јасно и категорично го изразуваме нашиот став против квалификуваното мнозинство, особено во рамките на процесот на проширување“, порача таа.

 

CATEGORIES
TAGS
Share This